Поранешниот американски претседател Џон Ф. Кенеди размислувал за секс за да остане позитивен и оптимистичен за време на закрепнувањето од ризичната операција на ’рбетот во 1954 година, при кое за малку ќе го загубел животот, се наведува во новата книга на американскиот автор и биограф на Кенеди, Лоренс Лимер.
Во книгата „Ladies‘ Man: The Careless Heart of John F. Kennedy“, објавена на почетокот на овој месец, Лимер пишува дека токму помислата на сексуални односи му помагала на Кенеди да остане позитивен за време на долготрајното и тешко закрепнување.
Сакал трајно решение
Според авторот, по операцијата Кенеди на вратата имал фотографија од актерката Мерилин Монро, која ја запознал истата година, пренесе американското списание „Entertainment Weekly“.
Во книгата се наведува и дека актерката Грејс Кели го посетила по операцијата, преправајќи се дека е медицинска сестра, додека третата жена што дошла да провери како се чувствува била Присила Џонсон, со која Кенеди, според зборовите на Лимер, дотогаш немал љубовна врска.

Кенеди во октомври 1954 година бил подложен на операција на ’рбетот поради силни хронични болки во грбот, кои започнале по повреда здобиена додека играл американски фудбал во 1937 година.
Авторот наведува дека Кенеди сакал трајно решение за проблемите со грбот и дека се согласил на ризичниот зафат.

„По инфекцијата паднал во кома“
Според книгата, му биле извршени две спинални фузии во еден ден, што во тоа време не било вообичаена практика.
Операцијата траела три часа и првично била оценета како успешна, но потоа следувале сериозни компликации.
„Три дена подоцна добил инфекција на уринарниот тракт, а потоа паднал во кома“, наведува Лимер во книгата, додавајќи дека членовите на семејството Кенеди пристигнале додека свештениците го извршувале последното помазание.

Кенеди на крајот се разбудил од комата, но неговите здравствени проблеми продолжиле.
Според наводите од книгата, на грбот му останала голема рана од операцијата, а се вратил и проблемот со простатата, кој предизвикувал болки при мокрењето.









