[ВИДЕО] Ескалација на протестите во Тирана: Запалена влезната врата на Министерството за животна средина

Макфакс

24/10/2026

21:20

181

Големина на фонт

а а а

На протестите во Тирана избувнаа насилни инциденти каде демонстранти запалија влезната врата на Министерството за животна средина, а полицијата употреби солзавец за да го растера народот. Судири меѓу демонстранти и полиција ескалираат во центарот на градот во знак на поддршка на студентските протести кои траат 12 дена.

Насилни инциденти

избувнаа на протестите во центарот на Тирана, каде демонстранти ја запалија влезната врата на Министерството за животна средина, а полицијата употреби големи количества солзавец за да ги растера насобраните на плоштадот „Скендербег“, јавуваат албанските медиуми.

Пожарот на влезот на министерството бил изгаснат по кратко време, но пламен бил забележан и на прозорец од истата зграда, објави албанската телевизија „Репорт ТВ“.

Во меѓувреме, ситуацијата на плоштадот „Скендербег“ ескалирала во директни судири меѓу демонстрантите и полицијата. Демонстрантите фрлале камења, тврди предмети и молотови коктели кон полициските кордони, додека полицајците, распоредени во близина на Банката на Албанија, формирале одбранбени позиции и возвратиле со солзавец.

Според „Јуроњуз Албанија“, во близина на седиштето на Социјалистичката партија и Луткарскиот театар биле распоредени полициски сили. Еден маскиран демонстрант бил забележан како со праќка фрла камења на плоштадот, а дел од централното градско подрачје бил прекриен со солзавец.

Протестот го организира Демократската партија на Албанија во знак на солидарност и поддршка на студентските протести, кои траат веќе 12 дена, пренесуваат албанските медиуми.

Албанскиот премиер Еди Рама претходно денеска повторно повика на дијалог, во пресрет на најавените протести на студентите и граѓаните во Тирана и во други албански градови.

Засега нема информации за евентуално повредени лица или приведени демонстранти.