[ВИДЕО/ФОТО] Осум часа броеле милијарди, пет машини не биле доволни – полицајци со лопати копале пари закопани во унгарски шуми

Макфакс

14/11/2026

19:03

138

Големина на фонт

а а а

Пет машини и осум часа биле потребни за да се пребројат милијарди запленети пари во голема полициска акција во Унгарија, каде истражителите откриле готовина закопана во шуми, магацини и приватни објекти. Акцијата е дел од истрага против поранешен министер осомничен за мито, а истрагите сега се прошируваат и на други лица од опкружувањето на поранешниот премиер Виктор Орбан.

Пет машини за броење банкноти, 12 вработени во државниот трезор и цели осум часа работа биле потребни за да се пребројат парите запленети во големата полициска истрага во Унгарија. Дел од готовината бил закопан во шума, а полицајците морале да копаат со лопати за да стигнат до скриените купови банкноти.

Снимките од акцијата, објавени од унгарската Национална канцеларија за враќање и заштита на имотот, откриваат необични сцени од потрагата по скриеното богатство. Истражителите снимале големи купови банкноти, но и полициски екипи кои во текот на ноќта пребаруваат шумски терен и откопуваат пари закопани во земјата.

Готовината не била скриена само во шумите. Истражителите откриле пари и во магацини, земјоделски објекти, приватна куќа, како и во сеф на тајна локација. Вкупно биле запленети повеќе од пет милијарди форинти, околу 2,6 милиони евра и 1,2 милиони долари.

Зад акцијата стои истрага против Миклош Сештак, поранешен министер за национален развој во владата на Виктор Орбан. Тој е осомничен дека примил повеќе од 37 милиони долари мито и незаконски провизии поврзани со набавка на автобуси за државниот превозник и државни градежни проекти.

Посебно внимание привлече изјавата на премиерот Петер Маѓар за тоа колку време било потребно за да се преброи запленетата готовина. Според него, 12 вработени во државниот трезор работеле осум часа со помош на пет машини за броење банкноти.

Маѓар, кој по изборната победа во април најави истраги за корупција и злоупотреба на јавни средства за време на 16-годишното владеење на Орбан, заплената ја претстави како симболичен крај на поранешната власт.

Во меѓувреме, истрагите се прошируваат и на други луѓе од опкружувањето на поранешниот премиер. Под истрага се и неговиот помлад брат, осомничен за трговија со луѓе и трговија со влијание, како и поранешниот гувернер на централната банка Ѓерѓ Матолчи, поради сомневања за злоупотреба на јавни средства.

Орбан ги отфрла обвинувањата и тврди дека истрагите против неговите поранешни соработници се политички мотивирани.