Од почетокот на студентските протести во Тирана се повредени 310 лица, меѓу кои полицајци, демонстранти и случајни минувачи. Премиерот Еди Рама денеска на состанок ќе ги објави мерките за справување со насилството за време на протестите.
Од почетокот на студентските протести во Тирана, на 13 октомври, повредени се вкупно 310 лица, меѓу кои 191 полицаец, 88 демонстранти и 31 случаен минувач, соопштија албанските здравствени власти.
За време на синоќешните демонстрации, медицинска помош побарале седум лица, меѓу кои полицаец, малолетен демонстрант, претставници на медиумите и случајни минувачи.
Во меѓувреме, за денеска е закажан состанок на пратеничката група на Социјалистичката партија, на кој ќе присуствува и премиерот Еди Рама, а се очекува да бидат претставени мерки против лицата одговорни за насилството за време на протестите.
Како што јавува „Еуроњуз Албанија“, според податоците на здравствените власти објавени синоќа во 21 часот, четворица случајни минувачи побарале медицинска помош во Универзитетската болница за трауматологија, пренесе „РТЦГ“.
Еден од нив, претставник на меѓународен медиум, бил пуштен од болница по укажаната медицинска помош и не е во животна опасност.
Уште еден случаен минувач ја напуштил болницата по лекувањето, додека преостанатите двајца биле задржани на дополнителни медицински прегледи.
Во Универзитетскиот болнички центар „Мајка Тереза“ медицинска помош побарале полицаец, малолетен демонстрант и претставник на медиумите. Сите тројца се во стабилна здравствена состојба.
Според податоците на здравствените власти, од почетокот на протестите на 13 октомври повредени се вкупно 310 лица, од кои 191 припадник на државната полиција, 88 демонстранти и 31 случаен минувач.
Во меѓувреме, „Еуроњуз Албанија“ синоќа објави дека за денеска во 9 часот е закажан состанок на пратеничката група на Социјалистичката партија во просториите на Претседателството на Собранието на Албанија, на кој ќе присуствува и премиерот Еди Рама.
Според информациите на новинарката Ексиола Шеху, на состанокот се очекува да бидат претставени мерки против лицата кои учествувале во насилните инциденти за време на студентските протести.












