Шефот на највредната корпорација во светот ја изневерил сопругата со наводна кинеска шпионка

Макфакс

09/11/2026

07:14

1.935

Големина на фонт

а а а

Американскиот технолошки гигант Nvidia започна истрага откако извршниот директор призна за вонбрачна врска со кинеска деловна жена која се сомничи за шпионажа. Истрагата е насочена кон националната и економската безбедност на САД, а аферата предизвика реакции и од поранешниот претседател Трамп.

Американскиот технолошки гигант „Nvidia“ започна независна истрага откако извршниот директор Џенсен Хуанг призна дека имал вонбрачна врска со кинеска деловна жена по име Алис Хуанг – лице за кое американските разузнавачки служби се сомневаат дека е шпион.

Управниот одбор на највредната компанија во светот потврди дека е започната истрага за да се утврди дали во овој случај е загрозена националната и економската безбедност на САД. Иако од компанијата наведуваат дека засега нема причини да се верува оти корпоративните тајни биле изложени, Џенсен Хуанг им се извини на сопругата, децата и вработените, и вети целосна соработка со истражителите.

Хуанг ја призна врската во интерна порака до вработените во неделата, во која увид имаше „Фајненшел тајмс“.

„Им должам извинување на моето семејство и на сите вас. Ѝ бев неверен на сопругата. Со своите постапки ги повредив неа и нашите деца. Не постои оправдување за она што го направив. Длабоко жалам“, напиша Хуанг.

Трамп е запознаен со сомнежите на разузнавачките служби, но го нарекува Хуанг „чесен човек“

Според извештај на „Њујорк тајмс“, американските разузнавачки служби со месеци ја следеле Алис Хуанг и заклучиле дека таа работи за Пекинг. Нејзината врска со првиот човек на „Nvidia“ била откриена преку следење на комуникациите; извори тврдат дека Доналд Трамп бил известен за овие разузнавачки сознанија уште минатата година.

Кога беше прашан за истрагата, Трамп им изјави на новинарите дека не разговарал со Хуанг откако аферата излегла на виделина, но дека сепак го смета за „чесен човек“ кој направил одлична работа за земјата. Тој додаде дека не жали што не презел мерки порано врз основа на добиените разузнавачки информации.

Љубовницата купила чипови во вредност од милијарди долари

Алис Хуанг е директно поврзана со фирмата „Megaspeed“ со седиште во Сингапур, која во изминатите две години купила чипови од „Nvidia“ во вредност од 4,8 милијарди долари. Податоците од Сингапурскиот деловен регистар покажуваат дека таа била директорка на таа компанија од март до ноември минатата година.

„Megaspeed“ веќе е предмет на интерес на американските истражители поради сомневањата дека им помагале на кинески компании да ги заобиколат трговските санкции при набавката на напредни чипови од „Nvidia“. Сегашното раководство на таа сингапурска компанија изјави дека сериозно ги сфаќа обвинувањата и спроведува внатрешна истрага.