Една неодамнешна свадбена веселба се претворила во низа сообраќајни прекршоци, кои сватовите на крајот скапо ги платиле, пренесува „Le Parisien“.
Во францускиот град Сен Пријест, полицијата за време на интервенција поради несоодветно однесување изрекла 87 казни, а вкупната вредност на паричните санкции достигнала неверојатни 10.945 евра. Според објавените податоци, на возачите им биле одземени 242 казнени поени.
Градоначалникот на Сен Пријест, Жил Гаскон, во саботата, на 26 септември, соопштил дека за време на една свадба забележал „особено проблематично однесување“. Истовремено објавил и снимка на „Facebook“, на која се гледа колона автомобили чии возачи свират со сирените.
Градоначалникот истакнал дека побарал ангажирање на градската и националната полиција, со задача да интервенираат и да ги евидентираат забележаните прекршоци.
„Резултатот е недвосмислен“, порачал Гаскон, наведувајќи дека биле издадени 87 казни, дека паричните казни вкупно изнесуваат 10.945 евра и дека на возачите им биле одземени 242 казнени поени.
„Свадбите се добредојдени во Сен Пријест, но не и несоодветното однесување и опасните постапки“, заклучил градоначалникот и им се заблагодарил на полицајците што учествувале во интервенцијата.
Меѓутоа, ова не е единствениот случај во Франција во кој властите одлучиле остро да реагираат на однесувањето на сватовите во сообраќајот.
Неколку стотини километри подалеку, во Ница, во средината на септември, градоначалникот Ерик Сиоти објавил дека откажал венчавка закажана за тој ден, откако свадбената колона, според неговите наводи, блокирала брза сообраќајница и направила низа прекршоци.
„Побарав ангажирање на градската полиција и откажување на венчавката закажана за 11 часот во паркот Феникс“, објавил Сиоти на социјалната мрежа „X“.
Притоа предупредил дека свадбената прослава никому не му дава право да ја загрозува безбедноста и да ги игнорира сообраќајните прописи.
„Во Ница свадбата не го оправдува дивеењето со автомобили ниту непочитувањето на правилата. Секоја венчавка што ќе предизвика нарушување на јавниот ред ќе биде автоматски откажана“, порачал градоначалникот.










