Со приближувањето на зимата започнува и планирањето на празничните патувања, а за многумина посетата на некој од европските божиќни базари е неизбежен дел од празничната сезона. Во Европа се одржуваат повеќе од 1.500 вакви базари, па изборот може да биде тежок.
Оваа година, повеќе од 800.000 патници гласаа за своите фаворити на платформата „European Best Destinations“ (Најдобри Европски Дестинации), а во потесниот избор влегоа 20 градови, пишува „Јуроњуз“.

Во продолжение детален преглед на петте првопласирани дестинации, кои можат да ви послужат како инспирација за празничен шопинг и уживање во варено вино во текот на 2026 година.
Крајова, Романија
Иако за многумина е непозната, романската Крајова го освои првото место, оставајќи зад себе значително попознати адвентски дестинации. Божиќниот базар се простира на повеќе од 280.000 квадратни метри, а просторот секоја година се уредува според различна тема.

Темата за 2026 година е „Оревокршачка“, па посетителите ќе ги пречекаат огромни скулптури и украси во форма на играчки, заедно со илјадници светкави светилки.

Базарот трае од средината на ноември до почетокот на јануари, а меѓу атракциите се највисоките санки на Дедо Мраз во Источна Европа, лизгалиште, панорамско тркало и традиционални дрвени куќички, рачно насликани. Гастрономската понуда ги слави вкусовите на Источна Европа и поширокиот регион, со јадења од Ерменија, Грузија, Грција, Бугарија и Србија.

Цирих, Швајцарија
Цирих е попознат по банкарството и чоколадото, но се наметна и како една од водечките празнични дестинации во Европа. Главната атракција е „Wienachtsdorf“ (Вајнахтсдорф) на плоштадот Сехселетенплац, сместен меѓу Операта и Циришкото Езеро. Базарот ги спојува традиционалните алпски елементи со префинетиот градски стил, а просторот е исполнет со дрвени куќички и голема божиќна елка.

Покрај главниот базар, кој е прогласен и за најубав во Европа, трета година по ред се одржува и „Weihnachtsallee“ (Вајнахтсале) кај главната железничка станица. Таму, на околу 80 штандови, се нудат меѓународни специјалитети, дизајнерски ракотворби и неизбежното традиционално јадење – фонди.

Постои и посебна купола посветена на вареното вино. Уметнички печат на празничната сезона му дава проектот „Илуминариум“ во Швајцарскиот национален музеј, каде што дворот се преобразува со светлосни и звучни инсталации.
Рига, Латвија
Главниот град на Латвија секоја зима организира исклучително пријатна празнична програма. Главниот базар се одржува на плоштадот Дом, во срцето на Стариот град, кој е под заштита на УНЕСКО. Во дрвените куќички се нудат латвиски ракотворби, топла плетена облека и локални специјалитети.

Од крајот на ноември до почетокот на јануари, плоштадот го исполнуваат мирисите на варено вино, печени бадеми и цимет, додека хоровите и фолклорните изведувачи создаваат автентична балтичка атмосфера.

Рига за време на Божиќ се одликува и со спектакуларно осветлување. Парковите, плоштадите и каналите се претвораат во блескав светлосен спектакл, а особено се издвојуваат локации како Оперскиот плоштад и парковите Бастејкалнс и Кронвалда. Светлосните инсталации таму се инспирирани од латвиските бајки и ги спојуваат светлината, музиката и раскажувањето приказни.

Лисабон, Португалија
Лисабон нуди поинакво доживување на божиќниот базар, каде што снегот го заменуваат благите температури и зимското сонце. Во паркот Едуард VII, од крајот на ноември до почетокот на јануари, се одржува „Wonderland Lisboa“ (Вондерленд Лисабон), која оваа година го доживува своето 11. издание.

Темата за 2026 година е „Корените на Божиќ“, а таа ги поврзува природата, уметноста, храната и забавата.

Посетителите можат да уживаат во понудата на локалните занаетчии, настапите во живо и бројните атракции за целото семејство. Поставено е и панорамско тркало со поглед на градот, како и традиционална вртелешка. Гастрономијата е важен дел од базарот, а посебен дел е посветен на португалските празнични специјалитети и регионалните јадења. Минатата година базарот привлекол повеќе од 1,2 милиони посетители.

Дебрецин, Унгарија
Вториот по големина град во Унгарија, иако помалку познат од Будимпешта, нуди богата божиќна програма. Во зима, главните плоштади и пешачките зони во Дебрецин се преобразуваат со светлосни инсталации и дрвени штандови на кои се продаваат рачно изработени предмети, играчки и украси.

Гастрономската понуда вклучува варено вино, печени костени и куртош колач (kürtőskalács), традиционален унгарски сладок колач. Во текот на сезоната се организираат повеќе од 100 културни настани со над 200 изведувачи, а семејствата можат да уживаат на лизгалиштето и во атракцијата „Град на бајките“.

Се одржуваат и специјални програми, како традиционалното палење на адвентските свеќи и викендот посветен на Свети Никола, со пристигнување со кочија, концерти и мини-воз.

Топ 20 најдобри божиќни базари во Европа
Според гласовите на патниците на платформата „European Best Destinations“, листата изгледа вака:
1. Крајова, Романија
2. Цирих, Швајцарија
3. Рига, Латвија
4. Лисабон, Португалија
5. Дебрецин, Унгарија
6. Говоне и Асти, Италија
7. Валкенбург, Холандија
8. Виена, Австрија
9. Монбелијар, Франција
10. Париз, Франција
11. Единбург, Шкотска
12. Мадрид, Шпанија
13. Винчестер, Англија
14. Прага, Чешка
15. Бриж, Белгија
16. Дрезден, Германија
17. Нирнберг, Германија
18. Кањонот Равена, Германија
19. Франкфурт, Германија
20. Келн, Германија.









