[ВИДЕО] Многу солзи, инјекции и неизвесност: Исидора Јелиќ, сопругата на Марио од 2Бона, со емотивно видео за патот до замрзнување ембриони

Точка

24/11/2026

17:11

286

Големина на фонт

а а а

Исидора Јелиќ, сопругата на музичарот Марио Јелиќ-Кун од дуото 2Бона, сподели исклучително емотивно видео на социјалните мрежи во кое за првпат ги прикажа најинтимните моменти од процесот на замрзнување ембриони.

Наместо да ги сподели само убавите вести и конечниот резултат, таа одлучи да ја покаже и тешката страна на ова патување – секојдневните инјекции, солзите, неизвесноста, физичките промени и емотивните предизвици со кои се соочувала.

Во видеото се гледа како нејзината мајка, која е гинеколог, ѝ помага при аплицирањето на терапијата, но и како Марио е постојано покрај неа и ѝ дава поддршка во еден од најчувствителните периоди од нивниот живот. На крајот, во кадарот се појавуваат и фотографиите од трите замрзнати ембриони – резултат кој за парот претставува голема надеж и важен чекор кон остварувањето на желбата да станат родители.


Исидора признава дека долго размислувала дали воопшто да го објави видеото, со оглед на тоа што станува збор за едно од најличните и најболни поглавја во нејзиниот живот. Сепак, одлучила да ја сподели својата приказна, надевајќи се дека со тоа ќе им даде поддршка и на други жени кои минуваат низ слични предизвици.

„Нашиот пат со замрзнување ембриони...

Едно од најбрутално искрените видеа што ќе ги ставам на оваа или било која платформа, за кое сѐ уште не сум сигурна дали сум спремна да се 'разголам' на овој начин и кое ја опишува мојата најдлабока болка и успех во исто време!


Нешто што ми помогна да пронајдам свемирска сила во себе!

Период во кој не би беше битно дали сум надуена како топка, лицето ми е лом и сите останати side effects, туку само да дојдеме до крајот на ова патување каде што знаев дека ме чека еден благослов и доказ колку храброст, посветеност и сила има во една жена.

Едвај го чекам следниот чекор, едвај чекам да видам што следи!

За сите жени и девојки кои проаѓаат низ ситуација која им прави болка или несигурност, колку и да е клише, не сте сами, можете све и ова се само ситуации за кои има решение!“, напиша во описот.


Зад ова емотивно видео се крие и една лична приказна за здравствената состојба со која Исидора живее уште од раѓање. Таа има Мајер-Рокитански-Кустер-Хаузеров синдром (MRKH), тип 1 – ретка вродена состојба при која матката не е развиена, додека јајниците функционираат нормално. Поради тоа, не може да износи бременост, но постои можност да добие биолошки деца со помош на сурогат-мајка.

За дијагнозата дознала на 16-годишна возраст, кога заедно со мајка ѝ и тетка ѝ отпатувала во Лондон за преглед во специјализирана клиника. Нејзината мајка, која и самата е гинеколог, знаела за состојбата неколку години претходно, но одлучила да почека со соопштувањето, обидувајќи се да ја заштити ќерка си додека била помала.


Во поткастот на Стефан Лазаров, Исидора се присети на моментот кога ја дознала вистината и колку тешко ја прифатила веста.

„Е сега, не го памтев овој момент, но мајка ми ми кажа дека почнале да ми течат солзи. Памтам дека ми се сруши светот, дефинитивно... И тетка ми ми има кажано дека кога сме излегле од ординација, јас сум била во шок, а мајка ми била остарена десет години“.

И покрај тешкотиите со кои се соочувала, Исидора со текот на годините научила да ја прифати својата состојба, а голема улога во тоа имал и Марио. Тој бил запознаен со нејзината здравствена состојба уште на почетокот на нивната врска, но тоа не влијаело врз неговата љубов и посветеност. Напротив, ѝ бил голема поддршка и ѝ помогнал повторно да верува дека еден ден можат да имаат семејство.


Парот и претходно отворено зборуваше за желбата да има биолошки деца со помош на сурогат-мајка. Трите замрзнати ембриони се значаен чекор на тој пат и носат голема надеж за нивната заедничка иднина. Сепак, важно е да се нагласи дека замрзнувањето на ембрионите не претставува гаранција дека процесот ќе заврши со успешна бременост и раѓање дете.

Со својата искреност, Исидора испрати силна порака до сите жени кои се соочуваат со здравствени предизвици, неизвесност или страв за својата иднина, покажувајќи дека зад секој важен резултат често стојат многу болка, храброст и истрајност.