Судот во Лос Анџелес ѝ наложи на Џесика Алба да му исплати на поранешниот сопруг Кеш Ворен 577.481 долар од пензискиот план на нејзината компанија, неколку месеци по завршувањето на нивниот развод.
Како што пишува „Page Six“, повикувајќи се на судски документи, Ворен ќе ги добие парите од пензиските примања на Алба во рамките на планот за распределба на добивката на нејзината компанија „HonorBar Inc“. Одлуката во петокот, 20 ноември, ја донесе Врховниот суд на округот Лос Анџелес.
Пред исплатата, износот ќе биде усогласен со добивката или загубата од инвестициите до денот на исплатата. Ворен може да ги подигне парите одеднаш или да ги префрли на индивидуална пензиска сметка или во друг пензиски план.

Според пишувањата на американските медиуми, сè што ќе остане на сметката ѝ припаѓа на актерката. По оваа исплата, Алба повеќе нема да му должи ништо во однос на придобивките поврзани со нејзината компанија.
Претходно му исплатила три милиони долари
Ова не е првата исплата за Ворен. Разводот беше финализиран во февруари, кога Алба се согласи да му исплати три милиони долари за да се изедначи поделбата на имотот.
Таа сума ја исплаќа во две рати од по 1,5 милиони долари. Ниту еден од нив не му плаќа алиментација на другиот. Ворен добива и половина од хонорарите на Алба од репризирањето на проекти снимени додека биле во брак, меѓу кои е и серијата „The Office“. Парот немал предбрачен договор.

Алба (45) и Ворен (47) се запознале во 2004 година на снимањето на филмот „Fantastic Four“, а се венчале во 2008 година. Се разделија во декември 2024 година, по 16 години брак.
Алба поднела барање за развод во февруари 2025 година, наведувајќи ги непомирливите разлики како причина. Имаат три деца: ќерките Хонор (18) и Хејвен (15) и синот Хејс (8). Старателството над нив го делат.








