Ламин Јамал не ја крие самодовербата, но смета дека сè уште не покажал сè што може.
Фудбалерот на Барселона во разговор за „Movistar Plus“ зборуваше за својот развој, советот од Серхио Бускетс и критериумите за доделување на Златната топка.

„Ќе биде тешко да се најде некој што е на моето ниво“, порача Јамал, зборувајќи за моментот кога на натпреварите ќе успева да покаже сè што веќе прави на тренинзите.

Шпанскиот репрезентативец оцени дека брзо созреал, но дека на одредени натпревари можел да настапи со поголема самодоверба. Токму во тоа гледа простор за напредок и причина да верува дека за четири години ќе биде значително подобар.

Важна пресвртница претставувал разговорот со Бускетс по суспензијата во помладите категории. Искусниот играч од средниот ред го потсетил на одговорноста што ја носи играњето за Барселона, по што Јамал одлучил целосно да му се посвети на фудбалот. Тренинзите, натпреварите, семејството и одморот станале негови приоритети.

Зборувајќи за Златната топка, Јамал оцени дека бројот на голови и освоените трофеи не би смееле да бидат пресудни. Според неговото мислење, признанието треба да го добие најдобриот фудбалер во светот, чии настапи ѝ носат најголемо уживање на публиката.








