Децата и тинејџерите денес читаат значително помалку од претходните генерации, а наједноставното објаснување обично се мобилните телефони, социјалните мрежи и часовите поминати пред екраните. Но дали е само до тоа?
Една учителка, меѓутоа, тврди дека дел од одговорноста се наоѓа таму каде што возрасните можеби најмалку сакаат да ја бараат – во училиштата и очекувањата што ги поставуваме пред децата.
Учителката која на „TikTok“ објавува под името "StillATeacher" разговарала со своите ученици и забележала интересен образец. Многумина од нив како деца со задоволство читале, на пример серијалот за Перси Џексон, но престанале да читаат од задоволство приближно кон крајот на основното училиште, пренесува „Index.hr“.

„Возрасните толку ја поместија границата што повеќе не можеме да ја најдеме“
Учителката признава дека мобилните телефони имаат големо влијание. Тинејџерите имаат сè повеќе училишни и други обврски, сакаат да поминуваат повеќе време со пријателите, а социјалните мрежи нудат непрекинат извор на забава. Но смета дека постои уште еден, многу очигледен проблем.
„Возрасните толку ја поместија границата кога станува збор за тоа колку би требало да читаат тинејџерите што повеќе не можеме да ја најдеме“, порачала таа.
Вели дека меѓу наставниците постои уверување дека повеќе нема смисла на учениците да им се задава читање цели книги бидејќи и онака нема да ги прочитаат. Работела, тврди, и во училишта во кои дури се обесхрабрувало обработувањето цели романи.
Разговарала и со колеги кои самите не читаат книги и не сметаат дека читањето е пресудно за долгорочниот успех на учениците. Ако возрасните постојано им испраќаат порака на децата дека од нив дури и не очекуваат да прочитаат цела книга, се прашува зошто тогаш би биле изненадени кога тие навистина ќе престанат да го прават тоа.

Децата што читаат се разликуваат од своите врсници
Учителката вели дека разликата ја забележува токму меѓу своите ученици. Тинејџерите кои и понатаму редовно читаат, според нејзиното искуство, имаат поразвиено критичко размислување, поуспешни се во различни училишни предмети и изгледаат посигурни во сопствениот идентитет.
Истражувањата исто така го поврзуваат читањето од задоволство со подобри јазични и когнитивни способности, како и со училишниот успех.
Проблемот е што бројот на млади кои читаат од задоволство веќе долго време опаѓа. Според податоците што ги наведува „Upworthy“, во 2020 година 42 проценти од деветгодишниците рекле дека речиси секојдневно читаат за забава, додека во 2012 година такви биле 53 проценти. Меѓу 13-годишниците, само 14 проценти секојдневно читале од задоволство.

Иронично, „TikTok“ би можел да биде дел од решението
Во целата приказна постои и интересен парадокс. Платформата што многу родители ја гледаат како еден од најголемите непријатели на книгата истовремено го создаде „BookTok“, заедница во која корисниците препорачуваат книги, дискутираат за нив и создаваат трендови поради кои одредени наслови стануваат бестселери.
Учителката смета дека токму „BookTok“ во моментов е еден од ретките силни поттикнувачи за тинејџерите да посегнат по книга.
Затоа нејзината порака не е дека мобилните телефони немаат врска со намалувањето на читањето. Имаат. Но проблемот, смета таа, е многу поширок. Ако сакаме децата повторно да читаат, возрасните прво мора да престанат да тргнуваат од претпоставката дека тие повеќе не се способни или не сакаат да го прават тоа.
















