Мистериозен жител на американската држава Делавер решил да им го разубави животот на своите сограѓани на необичен начин.
Познато е дека преку ден работи во ИТ секторот, додека во слободно време управува со дрон кој им испушта пари на случајно избрани минувачи! На интернет е познат под прекарот 302 Cashcopter.
Најчесто, испушта 20 долари (но и поголеми суми), додека банкнотите се внимателно завиткани и прикачени на дронот. Во „пакетот“ има порака: „Добивте подарок. Парите се внатре - ваши се“.
Непознатиот донатор не сака вниманието да биде насочено кон него, па затоа не го открива својот идентитет и се надева дека неговите постапки ќе ги инспирираат другите да „шират добрина“, објавува „Дејли меил“.
Тој ја започнал акцијата пред неколку недели, откако неговиот роден град Вилмингтон се најде во центарот на негативни вести и лоши коментари на интернет.
Тој сакаше да најде начин да ги насмее луѓето и, како што вели, да ја врати вербата во својот град.
„Возбудливо е да се знае дека, се надевам, ќе му го разубавам денот на некого“, изјавил тој за локалните медиуми. На почетокот, тој најчесто користел свои пари, но во меѓувреме основал фонд за „спонзорирани подароци“ што граѓаните можат да ги донираат.
Според него, во фондот моментално има околу 275 долари.
Мистериозниот донатор верува дека досега дистрибуирал околу 800 долари преку околу триесет „достави“ и додава дека нема профит. И не одлучува однапред за кого ќе одат парите. Еден ден го избира првиот човек што ќе го види на улица, друг ден може да биде некој што едноставно му мавта.
Се обидува, како што вели, изборот да биде случаен, за секој да има шанса да биде изненаден, без оглед каде се наоѓа.








