„Сестра, брат и шахта“ на Милчо Манчевски има светска премиера во Токио на фестивалот од А-категорија

Точка

01/10/2026

14:11

247

Големина на фонт

а а а

Најновиот филм на Милчо Манчевски, „Сестра, брат и шахта“ ќе ја има светската премиера на Меѓународниот филмски фестивал во Токио на 30 октомври. Филмот е во натпреварувачката селекција на овој фестивал од А категорија.

Манчевски и дел од актерската екипа на „Сестра, брат и шахта“ ќе продефилираат по црвениот килим на отворањето на фестивалот во Токио на 26 октомври. По светската премиера во најголемата сала на фестивалот на 30 октомври, режисерот и актерите ќе учествуваат во разговори со публиката и со јапонските и меѓународни медиуми. На 2 и 3 ноември закажани се уште две проекции на филмот.

„Сестра, брат и шахта“ е чудна комедија за оние што имаат и оние што немаат – во исто време лута сатира и суптилна поема за брат и сестра, кои живеат на маргините на општеството. Филм за антихерои кој – во неповторливиот стил на Милчо Манчевски – отфрла секаква жанровска класификација, мамејќи и солзи и смеа. Иако се случува во денешна Македонија, филмот содржи универзално размислување за тоа како луѓето живеат и се поврзуваат во современиот свет.


Во 1995, Јапонија за првпат виде македонски филм. Манчевски, кој е многу популарен во Јапонија, беше првиот македонски автор кој ги проби границите за македонскиот филм и во Азија. Тој беше во селекцијата на Токио уште со „Пред дождот“ и со „Прашина“, а во 2022 година и со „Кајмак“. Всушност во Азија, не само македонската кинематографија, туку и името Македонија, како и нејзиното место на светската мапа се директно поврзани со филмовите на Манчевски.

За меѓународниот пат на филмот, продуцентот Јане Ќортoшев вели: „Радосен сум што нашиот македонски филм повторно ќе патува во Азија. Одиме на Интернационалниот филмски фестивал во Токио, фестивал од А-категорија, еден од најреномираните фестивали во светот. Пред сè, ми се допадна премисата на филмот – распродажба на народни херои на кило! Брат и сестра крадат споменици и ги продаваат за старо железо. Па и шахти... Одлично! Слични беа реакциите и на странските копродуценти: ги привлече приказната, специфичниот јазик, и, се разбира, можноста за соработка со Милчо.“


Режисерот Манчевски, пак, рече за приказната на филмот: „„Сестра, брат и шахта“ е остра сатира и нежна студија на брат и сестра, кои со хумор и пркос се борат против едно корумпирано општество. Нашите Ивица и Марица крадат бисти за да преживеат и еден убав ден среќаваат една богата слепа баба“.

За ликот на Малина и предизвикот да ја изгради нејзината сила и ранливост, Сара Климоска вели: „Нејзината сила и пркос ми беа јасни и неопходни за да преживее. Но, најтешко и најважно ми беше да најдам начин ранливоста да произлезе природно од нејзината борба, а да не биде нешто што дополнително се глуми или нагласува. Ми беше важно таа ранливост да не ја направи Малина слаба, туку напротив, да ѝ дава сила да го штити својот брат“.

За радоста што ја пронашол во создавањето на Виктор, Филип Трајковиќ изјави: „Во создавањето на улогата на Виктор видов радост и среќната страна на постоењето. Неговиот оптимизам и вербата дека луѓето сепак се добри и чесни се единствениот рецепт за вистинска среќа. Кога секоја постапка е водена од чиста љубов, не можеш да се осудуваш себеси дека си направил нешто зло. Тогаш можеш да се радуваш на сè што имаш, колку и да изгледа банално и неважно во очите на другите“.


„Светската премиера на „Сестра, брат, шахта“, новиот филм на Милчо Манчевски, во Токио е уште една важна можност македонскиот филм да биде претставен пред меѓународната публика и филмската јавност“, вели Сашко Мицевски, директор на Агенцијата за филм и додава: „Агенцијата за филм, во координација со екипата на филмот, ќе ја поддржи светската премиера во Токио, како и активностите поврзани со неговата промоција и претставување во земјава и во странство“.

За само една година, Манчевски сними два филма – долгометражниот документарец „Добри луѓе“ и играниот филм „Сестра, брат и шахта“. Ова е редок случај во светската кинематографија и уследи дури откако судот ја спречи незаконската забрана на неговите филмови.

Агенцијата за филм одобри поддршка за „Сестра, брат и шахта“ во 2022, но потоа незаконски го забрани филмот затоа што Манчевски пријави корупција во Агенцијата. Неговите наводи ги потврди и Антикорупциската комисија. Тој тужеше и доби две судски пресуди против Агенцијата.


„Добри луѓе“ кој Манчевски самиот го финансираше и чии приходи во целост одат за Кочани, доби едногласни пофалби во земјата и во странство: Variety го нарече „потресен портрет на општествен колапс“, Cineuropa „непоколеблива медитација за тагата, преживувањето и тврдоглавата милост на човечката солидарност“, а Filmkommentaren рече „немам зборови со кои би го опишал овој документарец на македонскиот мајстор Манчевски.“

Освен нашата Агенција за филм, филмот го помогнаа и националните филмски фондови и приватни инвеститори од Бугарија, Србија, Албанија, Италија и Англија. Македонски компании и културни институции, кои несебично го поддржаа проектот се Дајнерс клуб, Тиквеш, Витаминка и Окта, како и Пелистерка, Специјал, Такси Глобал, Хотел Арка, Саманта, Мај принт, Македонскиот народен театар и Види Вака.


Главните улоги ги играат: Сара Климоска, Филип Трајковиќ, Соња Михајлова, Петар Мирчевски, Јордан Симонов, Дејан Лилиќ, Јасмина Василева, Стефан Николовски, како и Ана Костовска, Иван Ѓошевски, Виктор Арсов, Марина Поп Панкова, Александар Степанулески и Марин Гавриловски.

Дејвид Манс од Велика Британија е дизајнер на продукција. Директор на фотографија е маестро Стефано Фаливене од Италија. Кастинг директорка на филмот е Милка Анчевска, костимите се на Жаклина Крстевска, шминката на Бистра Кечиџиева од Бугарија. Продуцент на филмот е Јане Ќортошев. Филмот се снимаше со меѓународна екипа на локации низ и околу Скопје. Копродуценти се: Гала филм од Бугарија, Сенс продакшн од Србија, Амаркорд продакшн и Аугустус колор од Италија, Беркли медиа груп од Англија и Тирана филм институт од Албанија.

Фото: Маја Аргакијева