[ВИДЕО] Русија ја нападна Академијата на науките во Киев, пријавени се жртви

Макфакс

28/09/2026

17:10

175

Големина на фонт

а а а

Руските сили извршија воздушен напад врз Националната академија на науките во Киев, што предизвика голема штета и цивилни жртви.

Руските сили денес извршија жесток воздушен напад врз Киев, при што зградата на Националната академија на науките на Украина беше една од главните цели. Според првичните информации објавени од украинскиот претседател Володимир Зеленски, има цивилни жртви, а на местото на настанот е во тек голема спасувачка операција.

На социјалните мрежи се појавија снимки од уништената и запалена зграда на Академијата. Снимките прикажуваат уривање на покривот и горните катови на историската градба, од која избиваат огромни пламени јазици и густ црн чад. Дворот и улицата пред зградата се затрупани со тони остатоци од тули, малтер и бетон, додека паркираните автомобили во непосредна близина се смачкани од урнатините. Противпожарните екипи се обидуваат да го изгаснат пожарот и трагаат по луѓе заробени во зградата.

Видеата што кружат на социјалните мрежи прикажуваат луѓе како се навалуваат низ прозорците додека густ црн чад и пламен го зафаќаат делот од историската зграда. Академијата се наоѓа во центарот на Киев, област која обично е помалку цел на руските дронови во споредба со другите градски делови и се наоѓа во близина на згради на амбасади и владини институции.

„Во нападот загина една жена, а тројца луѓе се повредени“, изјави градоначалникот Виталиј Кличко.

„Руски напад ја погоди зградата на Националната академија на науките на Украина. Во тек е спасувачка операција: екипите го гаснат пожарот и трагаат по луѓе кои можеби се заробени внатре. Ангажирани се сите служби“, наведе Зеленски во објава на X.

Украинскиот претседател истакна дека зградата на Академијата не била единствената цел на денешните руски напади врз главниот град и другите региони. „Денес, во Киев беа нападнати и една фармацевтска компанија и бензински пумпи; во Днипро беше погоден деловен центар; а во други градови и региони на мета се најдоа цивилни објекти, деловни субјекти и комуникациска инфраструктура. За жал, има загинати луѓе. Изразувам сочувство до нивните семеjства и блиски“, напиша украинскиот претседател.

Во својата порака, Зеленски нагласи дека овие напади мора да послужат како јасен сигнал до западните партнери за неопходноста од континуирана поддршка.

„Русија дефинитивно ќе се соочи со одговор за ова. Секој партнер на Украина мора да сфати, гледајќи го овој терор и овие напади, дека поддршката за Украина значи вистинска поддршка за човечките животи – поддршка на принципот дека теророт никогаш и никаде не смее да се нормализира. Русија мора да одговара за сето ова и да се соочи со реални последици“, рече Зеленски, заблагодарувајќи им се на сите што ѝ помагаат на Украина.