Левица по демантот на Мијалков: Прашањето за Барутана не е само чие име стои на имотниот лист

Макфакс

28/09/2026

10:21

235

Големина на фонт

а а а

Левица реагира на демантот на Сашо Мијалков за случајот Барутана, истакнувајќи дека вистинското прашање не е само сопственоста на имотот, туку деловните врски меѓу компаниите и политичките структури кои влијаат на урбанистичките планови поврзани со земјиштето.

Левица реагира на демантот на поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков за случајот со Барутана, тврдејќи дека прашањето не е дали неговото име се наоѓа во имотните листови, туку деловните врски меѓу компаниите што поседуваат земјиште на оваа локација.

Од партијата се повикуваат на истражувањето на „Призма“, според кое компанијата „Енерго Максистем“, која поседува парцели во Барутана, порано била поврзана со сопругата на Љупчо Тодоровски-Радникот, поранешен висок полициски функционер и соработник на Мијалков. Компанијата подоцна купила и земјиште кај Богородица што претходно било конфискувано од Мијалков, а потоа станала деловен партнер со „Интернешнл груп“, која исто така поседува земјиште во Барутана.

„Демантот ‘немам имот во Барутана’ не одговара на она што всушност е објавено – дека околу ова земјиште се испреплетуваат компании, имоти и деловни врски кои водат и до Мијалков“, велат од Левица.

Партијата го посочува и фактот дека фирма на Јордан Мијалков во 2024 година стана сопственик на три стана и гаража на Водно, кои претходно биле конфискувани од неговиот татко во случајот „Империја“. Имотот бил купен на јавно наддавање преку Агенцијата за управување со одземен имот.

„Во случајот со Барутана, приватниот интерес не останува само на ниво на сопственост на земјиште: „Лутарико“ ја иницира изработката на ДУП-от и самата го финансира неговото изработување. Така приватниот инвеститор не чека урбанистичката политика да ја определи идната намена на неговиот имот, туку влегува директно во процесот преку кој таа намена се определува. А тој процес го води Општина Центар на чело со Горан Герасимовски.

И тука Герасимовски не може да се крие зад стручните служби, како што се обидуваше на јавната дебата. Тој е градоначалник на институцијата која ја води постапката, а истовремено е и нов потпретседател на СДСМ – партијата чии советници заедно со ДПМНЕ го поддржаа Нацрт-ДУП-от. Дополнително, една од компаниите позиционирани во Барутана, „Интернешнл груп“, преку својата сопственичка структура е поврзана со Симеон и Горан Крстев, кои се дел од бизнис-мрежа во која се појавуваат компании и лица поврзани со семејството на Зоран Заев. На една страна имаме кругови поврзани со Мијалков, на друга бизнис-врски поврзани со Заев, а на институционално ниво СДСМ и ДПМНЕ заеднички го поддржуваат истиот ДУП.

А сега планот оди кон следната институционална инстанца – Министерството за транспорт и врски на Александар Николоски. Министерството има надлежност во постапката за давање согласност на урбанистичките планови, што значи дека доколку Барутана стигне до таа фаза, Николоски ќе треба да одлучи дали планот ги исполнува условите за да добие државна согласност.

Ова е особено важно ако се има предвид неговото претходно постапување во случајот со хотелот во Охрид поврзан со семејството Мијалкови. Левица тогаш предупреди дека Николоски свесно тврди оти хотелот се гради согласно урбанистичките правила, иако објектот отстапува од важечката урбанистичка документација и со непостапувањето на институциите се овозможува легализирање на објектот. Сега истиот Николоски ќе треба да покаже дали неговото Министерство навистина ќе ја контролира законитоста на урбанистичкиот план или повторно ќе ги толкува урбанистичките правила во корист на инвеститорскиот интерес.

Затоа, демантот на Мијалков не ја затвора приказната со Барутана, туку само ја стеснува на прашањето чие име стои на имотниот лист. А вистинското прашање е кој се позиционирал на земјиштето, со кого е деловно поврзан, кој ја финансира урбанистичката рамка што му ја зголемува вредноста на тој имот и кои политички институции треба да ја одобрат. Кога ќе ги поврзеш тие точки, станува јасно зошто демантот за сопственоста не е одговор на прашањето“, велат од Левица.

Мијалков претходно соопшти дека не поседува никаков имот на посочената локација, ниту има каков било интерес поврзан со неа.

„Целосна лага се информациите изнесени од страна на политичката партија Левица дека мене некој ми подарил било што во месноста викана Барутана“, наведува Мијалков.

Тој додава дека тоа не се однесува само на него лично, туку и на компаниите кои се во негова сопственост, како и на компаниите во сопственост на членови на неговото семејство.

Според Мијалков, овие факти можат лесно да се проверат во Централниот регистар и во надлежните институции.

Во реакцијата тој се осврнува и на споменувањето на неговото име во текст на „Призма“, оценувајќи дека тоа е направено надвор од контекст во однос на Барутана.