Бугарија порача дека е отворена за дијалог откако Муцунски повика на вклучување на ЕУ во разговорите

Макфакс

25/09/2026

12:41

485

Големина на фонт

а а а

Бугарија останува отворена за конструктивен дијалог со Северна Македонија, а процесот на пристапување на земјата е европско прашање – ова се наведува во ставот на бугарското министерството за надворешни работи во врска со изјавата на министерот Тимчо Муцунски дека Македонија сака да има посредник од Европската Унија во разговорите со официјална Софија, пренесува Бугарската национална телевизија.

Тамошното министерството за надворешни работи нагласува дека пристапувањето на Македонија е прашање кое мора да се разгледа во рамките на европските институции.

Нашата земја ја поддржува работата на Европската комисија во текот на преговорите со сите земји-кандидатки, се наведува во ставот, потсетувајќи дека добрососедските односи се фундаментален услов за напредок.

Голем број кандидати напредуваат во сложена глобална ситуација, се наведува во ставот, а повторно се изразува очекување дека Македонија ќе ги исполни своите обврски. Во интервју од Њујорк, Тимчо Муцунски наведува дека постои фундаментален недостаток на доверба меѓу Софија и Скопјe и додава дека немало работни разговори меѓу македонските и бугарските делегации на Генералното собрание на ОН.

„За нас е важно во сите разговори што ќе ги водиме со Бугарија во иднина, да има и учество на Европската Унија“, рече Муцунски. Тој прецизираше дека не е важно дали ова ќе биде учество на поединечни земји-членки или европски институции, туку е важно „да има барем уште една земја во овој процес“ што ќе помогне во градењето доверба.