Албанскиот премиер Еди Рама денеска за Ројтерс изјави дека нема да поднесе оставка – барање што го упатија студентите кои трет ден по ред протестираат против зголемените трошоци за образование и корупцијата.
„Што се однесува до повиците за моја оставка: владите се менуваат преку демократски избори. Минатата година одржавме избори, а не револуција“, наведе Рама во писмен одговор до Ројтерс.

Рама изрази подготвеност да разговара за зголемените трошоци за образование, но додаде дека „нападите врз институциите, уништувањето на јавниот имот и заканите по јавната безбедност немаат никаква врска со легитимните барања на студентите“.
Тој понатаму изјави дека негова „одговорност е да ги слуша граѓаните, да одговори на легитимните загрижености и да продолжи да ја води Албанија напред“, додавајќи дека „секоја друга опција би била предавство на албанскиот народ, кој ми даде силен мандат да ги завршам преговорите за членство во Европската унија“.

Според Ројтерс, протестите предводени од студенти – кои повремено ескалираа во насилство и судири – претставуваат досега најголем предизвик за Рама, кој минатата година го обезбеди својот четврти мандат како премиер.

Вчера, вториот ден од протестите, полицијата употреби водени топови против десетици илјади демонстранти во Тирана, каде што беа запалени зградата на владата и две банки. Демонстрантите фрлаа камења кон полицијата, која одговори со водени топови и солзавец. Немирите избија по неколкумесечни, главно мирни демонстрации против планот за изградба на луксузен туристички комплекс на јужниот брег на Албанија – проект зад кој стои Џаред Кушнер, зетот на американскиот претседател Доналд Трамп. Проектот се соочи со правни пречки.
„Со корупцијата мора да се справиме, а – како што неодамна потврди и самата ЕУ – Албанија се бори против неа поенергично од кога било досега“, рече Рама.
„Можеби одредени сили, како во земјата така и во странство, не сакаат Албанија да успее како предводник во процесот на пристапување кон ЕУ. Но, нема да дозволам насилството да ја одврати Албанија од нејзиниот европски пат“, додаде тој.

Ројтерс забележува дека, меѓу балканските земји, Албанија – заедно со Црна Гора – предводи во процесот на пристапување кон ЕУ и има за цел да стане членка на Унијата уште во 2028 година.
















