По четири одработени тренинзи во базата во Скопје, Македонија влегува во завршни подготовки за првиот меч во новата сезона во Лигата на нации, кампањата во која за првпат сме дел од Б сегментот во ова УЕФА натпреварување.
Македонија се најде во тешка група и ќе ги отвори возбудувањата со пресметка против Швајцарија во Скопје, а додека гостите зборуваат за важните отсуства во тимот на селекторот Мурат Јакин, Гоце Седлоски максимално се фокусира на својот тим.
Македонскиот селектор денеска ја одработи стандардната прес-конференција која служи како најдобра најава за натпреварот кој следи, а на истиот нагласи дека воопшто не се занимава со фудбалерите кои не пристигнаа во Скопје, а тоа се Гранит Џака, Брил Емболо, Ноа Окафор, Денис Закарија и Рубен Варгас.
– Одработивме максимално на овие четири тренинзи кои ги имавме и презадоволен сум од сите играчи кои се појавија, сите пристигнаа со желба и знаење што се бара на теренот. Ние играме со иста мотивација против секој ривал, па така ќе биде и против Швајцарија. Очекуваме голем број фанови и поддршка од публиката, веруваме дека со нив можеме до поволен резултат.
– Наше е да одговориме позитивно и да прикажеме добра игра. Не размислуваме за противникот, не е важно со каков тим ќе настапат и кои играчи им недостасуваат. Важни сме само ние, сите играчи се здрави и тренираат добро, со исклучок на Николов кој нема да може да настапи. Преферирам да размислувам само на мојот тим и да останеме позитивни пред овој натпревар, – изјави Седлоски.
Интересно освежување во националниот тим е Матеј Гаштаров кој имаше импресивни изданија за Црвена Звезда, но Седлоски се уште нема донесено одлука дали тој утре ќе биде стартер на натпреварот.
– Станува збор за играч кој го следев од младата репрезентација и уште тогаш ми остави впечаток. Сака да игра за Македонија и не го погази зборот кој го даде. Се уште не сум одлучил дали ќе добие шанса на утрешниот натпревар, или на некој од наредните. Појасна слика ќе има после денешниот тренинг, – изјави селекторот.











