Новиот „Nissan Pixo“ е електричен градски автомобил со досег од 259 километри.
„Nissan“ го враќа името „Pixo“, но овојпат во целосно електрично издание.
Новиот „Pixo“ е близнак на моделот „Renault Twingo E-Tech“ и ќе се произведува во Словенија, а на европскиот пазар пристигнува како почетен модел позициониран под електричната „Micra“.

„Nissan Pixo“ е долг 3.796 милиметри, само 7 милиметри повеќе од „Twingo“, додека меѓуоскиното растојание е идентично и изнесува 2.492 милиметри.
Покривот, стаклените површини и најголемиот дел од страничната силуета се преземени од „Renault“, додека „Nissan“ ги изменил предниот и задниот дел.
На предниот дел доминираат „коцкасти“ LED-светла со графика инспирирана од пиксели и затворена маска, додека задниот дел добива поинакви стоп-светла, поедноставна врата на багажникот и автентични детали на „Nissan“.
Ќе бидат достапни и новите бои „Wonder Purple“ и „Gear Blue“.

Во кабината се наоѓаат познати елементи од „Twingo“, вклучувајќи ги инструмент-таблата, воланот и дигиталниот кокпит со интеграција на „Gemini“.
Задните седишта можат да се преклопуваат и да се поместуваат напред-назад, додека багажникот има основен волумен од 356 литри, вклучувајќи посебен простор од 50 литри за каблите за полнење.

Погонот го сочинува електромотор со 82 КС (60 kW) на предната оска, кој добива енергија од LFP-батерија со капацитет од 27,5 kWh.
Досегот според стандардот „WLTP“ изнесува 259 километри. Поддржано е DC-полнење со моќност до 50 kW, при што батеријата од 15 до 80 отсто од капацитетот се полни за 28 минути.

Продажбата во Европа и Велика Британија би требало да започне по официјалното објавување на цените и информациите за преднарачките од декември 2026 година.
Се очекува почетна цена под 20.000 евра.
Името „Pixo“, „Nissan“ го користеше во Европа од 2009 до 2013 година за мал градски автомобил базиран на „Suzuki Alto“, со 1,0-литарски бензински мотор.











