Кристина Стипиќ од Хрватска на социјалните мрежи сподели необичен оглас во кој наведе дека бара маж со презиме Стипиќ кој би сакал да склучи со неа краток брак од административни причини.
Како што наведе, нејзината цел е да го врати моминското презиме, што системот во моментов не ѝ го овозможува. Исто така, Стипиќ во објавата појасни дека веќе три години се наоѓа во кривична постапка и поради тоа не може да добие потврда дека против неа не се води кривична постапка.
Тој документ ѝ е потребен за официјална промена на презимето и враќање на моминското презиме.
„Можам да се омажам, можам да го сменам презимето. Можам да се разведам, но не можам да го вратам своето моминско презиме, бидејќи за тоа е потребна потврда што не можам да ја добијам“, изјави таа.
Таа додаде дека нејзиното решение е да пронајде „доброволец Стипиќ“ со кого би спровела едноставен план. Наведе дека најпрво би се запознале, а потоа би отишле кај матичар за да склучат брак, за таа да може да го преземе презимето Стипиќ.
По неколку дена би следувал развод, а таа би го задржала презимето. Стипиќ нагласи дека во овој процес нема романтични очекувања.
„Романтиката не е услов. Љубовта не е задолжителна. Хемијата не е потребна. Познавањето на хрватската бирократија е пожелно“, наведе таа.
Таа додаде дека инсистира на предбрачен договор, бидејќи тоа го научила од своето искуство. На идниот сопруг му нуди покривање на сите трошоци за венчавката и разводот, а истакна дека тоа не е потрага по љубов, туку „очајнички обид на една жена да си го врати сопственото презиме“.
Покрај тоа, Стипиќ ја појасни и причината за кривичната постапка, наведувајќи дека станува збор за пријава за затајување на возило купено на лизинг. Таа наведе дека такво дело не може да повтори бидејќи по четири години судење веќе нема пари за тоа.








