Здружението „Анима мунди“ реагира на снимките од лов на дивокози во националниот парк Маврово каде се прикажува убивање на животни и пиење на нивната крв. Тие бараат итна институционална истрага и мораториум на активностите што можат да ги загрозат природните вредности и заштита на животната средина во регионот.
Снимките од Маврово на кои се убиваат дивокози, а потоа се пие крв од убиено животно, не се само вознемирувачки, тие се срамна слика за тоа до каде може да стигне човечкото понижување на животот кога природата ќе се обезвредни, реагираат од Здружението за заштита на животни „Анима мунди“ за странците кои ловат дивеч за пари во Националниот парк. Видеото од ловот на Маврово е објавено на „Јутјуб“ со наслов „Лов на дивокози од светска класа во планините на Македонија“.

„Анима Мунди“ најостро го осудува ваквиот однос кон животните. Ова не е никаков спорт, не е авантура, а најмалку љубов кон природата. Нема ништо нормално во убивањето диво животно за забава, трофеј или комерцијален интерес. Нема ниту едно оправдување во тоа животот на едно слободно суштество да биде сведен на мета, триумф, некаков си адреналин!“, велат од „Анима мунди“ и даваат силна поддршка на сите еколошки здруженија кои бараат итно институционално постапување и вистинска заштита на Маврово.
Сметаат дека е потребен итен мораториум на активностите што можат да ги загрозат природните вредности на подрачјето и целосна истрага за случувањата.

„До Владата, до надлежните институции и до сите политичари кои со гордост зборуваат за природните убавини на Македонија: ја сакате ли сопствената земја? Зашто љубовта кон земјата не се докажува со знамиња, говори и патриотски пораки. Се докажува кога ќе ја заштитите нејзината шума, нејзината река, нејзиниот биодиверзитет и нејзиниот див свет. Се докажува кога нема да дозволите националните паркови да станат ловечки игралишта, а заштитените животни да бидат прогонувани и убивани. Како ја сакате ако дозволувате природното богатство што им припаѓа и на идните генерации да се празни пред нашите очи? Македонија не е ловечки парк за богати девијантни странци. Маврово не е ничиј трофеј. Дивите животни не се плен. Природата не е на продажба. Заштитеното животно не е ресурс – тоа е живот, а неговото незаконско убивање е загуба за целата земја“, велат од „Анима мунди“.

Бараат надлежните институции итно да постапат, да направат целосна истрага која ќе утврди одговорност и мораториум додека не се воспостави вистинска заштита на Маврово.
За убивањето дивокози на Маврово прикажано како адреналински спорт веќе реагираа и неколку еколошки здруженија.
















