Рускиот претседател Владимир Путин вчера гласаше по електронски пат на изборите за нов состав на Државната дума, долниот дом на рускиот парламент.
Гласањето започна вчера и ќе трае до недела, а граѓаните избираат 450 пратеници. Станува збор за првите парламентарни избори во Русија од почетокот на руската инвазија врз Украина во 2022 година. Право на глас имаат повеќе од 111 милиони избирачи, а овозможено е и електронско гласање, објави АП.
🖥️ Hahaha! Putin’s computer doesn’t even have Windows activated
— NEXTA (@nexta_tv) September 18, 2026
The familiar Activate Windows watermark is visible on the screen.
Looks like sanctions have reached even the dictator’s desktop: Microsoft officially stopped new sales of licenses in Russia. https://t.co/TkP33n5QuX pic.twitter.com/60SLCY4TbD
Кремљ објави снимка од Путин како гласа во својата канцеларија. Рускиот претседател седна пред компјутерот, се приближи до мониторот и внимателно го следеше процесот, по што со неколку клика го потврди својот глас.
Откако на екранот се појави потврда дека гласањето е успешно завршено, Путин кажа „благодарам“.
Снимката набрзо привлече внимание на социјалните мрежи. Корисниците се пошегуваа на сметка на начинот на кој Путин се приближува до мониторот и внимателно гледа во екранот, како и поради неговото претпазливо користење на глувчето.
Дополнително внимание привлече пораката „Activate Windows“, која се гледа во аголот на мониторот. Тоа значи дека оперативниот систем Windows на компјутерот не е активиран, што исто така предизвика бројни шеги на социјалните мрежи.
Мајкрософт во март 2022 година, по почетокот на руската инвазија врз Украина, ја прекина новата продажба на своите производи и услуги во Русија и го намали дел од работењето во земјата, во согласност со санкциите. Сепак, само од пораката „Activate Windows“ не може да се утврди зошто оперативниот систем на компјутерот не е активиран.
Ова се првите парламентарни избори во Русија од почетокот на инвазијата врз Украина. Гласањето се одржува и во делови од украинската територија под руска контрола. Украина и Европската Унија го сметаат гласањето на окупираните територии за незаконско и порачаа дека нема да ги признаат резултатите од тие подрачја.
На изборите учествуваат десет партии. Според извештаите, сите ги поддржуваат клучните политики на Путин и руската војна во Украина.
Либералната партија Јаблоко, единствената регистрирана партија која отворено се спротивставува на војната, е отстранета од националната изборна листа со одлука на рускиот Врховен суд. Нејзини кандидати, сепак, се натпреваруваат во одделни изборни единици.
Критичарите на руските власти тврдат дека изборите не се слободни и фер, додека „Ројтерс“ го опишува рускиот политички систем како строго контролиран.












