Во паркот на бранителите во Драчево беше одржана едукативна трибина во рамките на кампањата „Розов октомври“ посветена на превенцијата и раното откривање на малигните заболувања. Настанот беше организиран од Општина Кисела Вода и здружението „ХЕМА-ОНКО“, со цел да се подигне свеста за важноста на превенцијата и навремената дијагностика.
Под мотото „Заедно за рано откривање, заедно за живот“, денес во „Паркот на бранителите“ во населбата Драчево се одржа едукативна трибина посветена на превенцијата и раното откривање на малигните заболувања. Настанот беше организиран од страна на Општина Кисела Вода, во соработка со Здружението „ХЕМА-ОНКО“.

Со оваа трибина, официјално се означи почетокот на овогодишната кампања „Розов Октомври“. Кампањата која симболично стартуваше токму од општина Кисела Вода, ќе биде заокружена со голем „Розов пикник“ на Школка во Градскиот парк на 4 октомври.
Присутните граѓани имаа можност да слушнат корисни и стручни совети од врвни специјалисти кои работат во оваа област, но и да проследат силно лично искуство од членка на „ХЕМА-ОНКО“, која ја сподели својата храбра борба со болеста.
На трибината излагање имаа Наташа Бабулова од „ХЕМА-ОНКО“, специјалист д-р Албина Чресловник Пупакоски и медицинската сестра Јасмина Јовческа од ЈЗУ Универзитетска клиника за радиотерапија и онкологија, како и доцент д-р Билјана Божиновска, радиолог од ГОБ „8 Септември“.
Градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска Трајкоска, во ја истакна важноста на превенцијата и навремената дијагностика како клучни фактори во борбата за животот, потенцирајќи ја континуираната поддршка од општината.
„Здравјето е наш најголем приоритет, а превенцијата е најсилното оружје кое го имаме. Нашата цел е да ја подигнеме јавната свест, бидејќи превенцијата и навремената дијагностика се од исклучително значење. Ги охрабрувам сите граѓани да се грижат за своето здравје и редовно да прават прегледи. Во оваа борба никој не е сам, а Општина Кисела Вода останува силен партнер и поддржувач на секоја иницијатива која значи живот и здраво општество“ рече градоначалничката Бети Стаменкоска Трајкоска.












