Уште еден триумф за младите математичари и програмери: Сребро и бронза за Македонците на Балканската олимпијада по информатика во Албанија

Макфакс

19/09/2026

15:09

588

Големина на фонт

а а а

Македонскиот тим освои сребрен и бронзен медал на 33-тата Балканска олимпијада по информатика во Тирана, Албанија. Тимот беше составен од четворица ученици под менторство на студенти од ФИНКИ, а настанот привлече учесници од 13 земји од Балканот.

Од 14-ти до 20-ти септември, во Тирана, Албанија, се одржува 33-тата по ред Балканска олимпијада по информатика (БОИ 2026), а домаќин на настанот е STEM Hub Center. Македонскиот тим на овој регионален натпревар во програмирање го сочинуваат натпреварувачите Владимир Грчев од Кочани, Дамјан Давков од Штип, Никола Стојковски од Скопје и Марко Кренков од Струмица, предводени од тим лидерите Благојче Павлески и Петар Ковачовски, студенти на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ).

Во силна регионална и меѓународна конкуренција, Владимир Грчев освои сребрен медал, а Дамјан Давков бронзен медал. Никола Стојковски и Марко Кренков, пак, освоија олимписки пофалби.


На настанот проф. Миле Јованов повторно беше избран за Претседател на Балканската олимпијада во следниот тригодишен мандатен период.

„Секој медал освоен на овие натпревари е потврда за трудот што нашите ученици, наставници и ментори го вложуваат во текот на целата година. Владимир и Дамјан со своите медали, а Никола и Марко со освоените пофалби, покажаа дека Македонија продолжува да произведува млади информатичари способни да се мерат со најдобрите во регионот. Ваквиот континуитет на резултати не е случаен, туку е плод на долгогодишниот систем на подготовки и натпревари што го негуваме заедно со ФИНКИ“, рече претседателот на Здружението, Јованов.

Учениците кои се дел од македонскиот тим за БОИ 2026 беа избрани преку целогодишен циклус натпревари, којшто редовно се организира од Здружението на информатичарите на Македонија (ЗИМ), а оваа година се одржуваше по 37. пат.  Натпреварите се одржуваат преку системот mendo.mk, кој е достапен во текот на целата година за сите заинтересирани натпреварувачи, а циклусот беше организиран со поддршка на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ), како и на неколку општествено одговорни компании: Сорсикс, Нетцетера и Семос едукација.


Балканската олимпијада по информатика (БОИ) е врвен натпревар во програмирање за средношколци од земји кои се наоѓаат на или околу Балканскиот полуостров, а се организира секоја година од 1993 година наваму. На овогодинешното, 33-то издание, учествуваат натпреварувачи од 13 земји-членки на БОИ заедницата (Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Кипар, Грција, Италија, Молдавија, Црна Гора, Македонија, Романија, Србија, Словенија и Турција), а како гости настапуваат и претставници на уште пет земји (Грузија, Киргистан, Саудиска Арабија, Туркменистан и Украина). Учениците се натпреваруваат индивидуално во решавање на алгоритамски проблеми во текот на два натпреварувачки дена.

Следниот настан кој им претстои на македонските ученици – информатичари, е Јуниорската балканска олимпијада по информатика (ЈБОИ 2026), која ќе се одржи од 22-ри до 28-ми септември во Сараево, Босна и Херцеговина. Следната, 34-та по ред Балканска олимпијада по информатика (БОИ 2027), ќе се одржи идната година во Турција.