[ФОТО] Љубовта не знае за години: Џин (88) и Роберт (97) од Англија по 30 години пријателство тајно се венчале

Точка

12/09/2026

16:02

422

Големина на фонт

а а а

Парот од Лондон, Џин Овен (88) и Роберт Торп (97), покажа дека љубовта не ги брои годините, откако по 30 години пријателство одлучиле да се венчаат така што „побегнале“ во Шкотска и тајно го склучиле бракот.

Прашањето „Кога конечно ќе се венчате?“ Овен (88) и Торп (97) често го слушале од своите деца, но долго време немало одговор. Со својата ненадејна одлука, овој пар го даде најубавиот доказ дека за вистинска љубов никогаш не е доцна.

Џин и Роберт се познаваат веќе три децении. Нивните семејства некогаш биле блиски и заедно оделе на одмори. Откако и двајцата останале без своите брачни партнери, продолжиле да одржуваат близок контакт, а за време на пандемијата на коронавирусот нивното долгогодишно пријателство прераснало во љубов. Одлуката да стапат во брак ја донеле неодамна – и тоа во целосна тајност.


Кон крајот на август, без знаење на своите семејства, парот од Лондон се упатил кон шкотското село Гретна Грин. Ова место на границата со Англија уште од 1754 година важи за прибежиште за вљубените, кога поради поблагите шкотски закони младите парови бегале таму за да се венчаат без согласност од родителите. Митот за романтичното место за венчавки опстојува до денес, без оглед на возраста на младенците.


Џин и Роберт судбоносното „да“ го изговориле на неговиот 97. роденден, со што имале двојна причина за славење. Своите семејства решиле да ги изненадат со веста дури откако се вратиле дома.

По церемонијата, младенците танцувале во паркот со скулптури, под познатиот споменик со испреплетени раце.


И двајцата истакнале дека и денес уживаат во танцувањето исто како некогаш, а новопечениот младоженец низ смеа додал: „Единствениот проблем е што повеќе не можам да ја префрлам Џин преку рамо“.

Според традицијата на Гретна Грин, венчавката не поминува без фотографирање под лакот на среќата украсен со потковици, каде што и Џин и Роберт го овековечиле својот посебен момент.