Дебата за пушењето: Зошто чадот ја прави клучната разлика?

Точка

12/09/2026

12:54

285

Големина на фонт

а а а

Во контекст на актуелните јавни дискусии за пушењето и неговото влијание врз јавното здравје, важно е дебатата да не остане само на општи забрани и предупредувања, туку да ја препознае суштинската разлика меѓу цигарите што согоруваат тутун и алтернативите без чад.

Во време кога глобалната борба против пушењето сè почесто се потпира на строги законски решенија, а бројот на пушачи во многу земји и натаму останува висок, тројца поранешни експерти на Светската здравствена организација (СЗО) испраќаат важна порака: политиките за тутун мора појасно да ја препознаат оваа разлика. Нивната теза не е дека никотинот е безопасен, туку дека чадот од согорување е местото каде што се концентрира најголемиот дел од штетата, поради што производите што не создаваат чад и не го вклучуваат процесот на горење, не смеат автоматски да се третираат како да имаат ист профил на ризик како цигарите.

Во април 2026 година, експертите Роберт Биглхол, Рут Бонита и Тики Панг повикаа на попрецизен регулаторен пристап кон остварување на целта пушењето да се намали под пет проценти до 2040 година. Според нив, возрасните пушачи треба да имаат јасна и научно заснована информација дека цигарата што гори и создава чад не е исто што и производ без согорување. Нивниот став не е повик за послаба контрола на тутунот, туку за регулација што ќе ги земе предвид реалните разлики меѓу категориите. 

Пораката што ја испраќаат тројцата експерти добива дополнителна тежина затоа што доаѓа од луѓе со долгогодишно искуство во системот на глобалното јавно здравје. Биглхол раководел со одделот на СЗО за хронични болести и унапредување на здравјето. Бонита била директорка за надзор на незаразните болести, а Панг повеќе од една деценија го водел одделот за истражувачка политика и соработка. Нивниот коментар не е официјален став на СЗО, но е влијателен независен повик од тројца луѓе што добро знаат како функционира меѓународната регулаторна машина и каде таа може да стане побавна од реалноста.

Јапонија, Шведска и Нов Зеланд

Јапонија е еден од најсилните примери со кој се гледа значењето на овој пристап. Од 2011 до 2023 година, продажбата на цигари во оваа земја се намалила за 52,7 отсто, а падот значително се забрзал по 2015 година, паралелно со пошироката употреба на уреди што го загреваат тутунот без класично согорување. Промената не може да се припише на една причина, но примерот покажува дека дел од возрасните пушачи се префрлаат од цигари на помалку штетни алтернативи кога имаат пристап до производи без согорување.


Во Шведска, секојдневното пушење во 2024 година изнесувало 5,4 отсто, наспроти околу 14 отсто во 2006 година. Земјата комбинира даноци, ограничувања на рекламирањето, старосни граници, простори без чад и превентивни програми, но истовремено прави разлика меѓу цигарите и никотинските производи без чад. Сепак, овој пристап оди заедно со строга заштита на младите и контрола на маркетингот.

Нов Зеланд бележи сличен тренд: секојдневното пушење се намалило од 16,4 отсто во 2011/2012 на 6,8 отсто во 2024/2025 година. И таму падот е резултат на комбинација од мерки за контрола на тутунот, поддршка за откажување и други политики за јавното здравје. Но, ситуацијата во земјата истовремено покажува дека националниот просек не ја отсликува целосно реалноста - пушењето и понатаму е широко распространето во одредени заедници, особено во ранливите. 

Македонија: потребен е надграден пристап

За Македонија, оваа дебата е особено важна токму поради високата распространетост на пушењето, што беше потенцирано и во последните јавни објави на оваа тема. Со проценета распространетост на употребата на тутун од 39,6 отсто кај лицата над 15 години во 2022 година, земјата се соочува со сериозен предизвик во јавното здравје. Кога стапката на пушење е толку висока, политиката не може да се потпира само на рутински мерки, туку мора да бара поефикасни начини за намалување на пушењето.

Тоа не значи дека треба да се укинат даноците, забраните за рекламирање, просторите без чад, поддршката за откажување или контролата на нелегалната трговија. Напротив, тие мерки треба да се надградат со јасна категоризација на производите. Цигарата што согорува тутун и создава чад не треба автоматски да се третира како идентичен производ со оној што функционира без согорување. Сите категории треба да бидат регулирани, но правилата треба да ги земат предвид нивните реални карактеристики и ризици.

Искуствата на Јапонија, Шведска и Нов Зеланд не се готов рецепт за Македонија кој само треба да се преслика, но испраќаат заедничка порака: цигарата мора да остане во фокусот како производ со најголема штета, додека алтернативите без чад треба да се третираат различно и да се контролираат во согласност со ризиците.

За Македонија тоа значи две паралелни линии - нулта толеранција за пристап на малолетници до никотински производи без чад и јасна, научно заснована информација за возрасните пушачи. Ако целта е навистина да се намали пушењето и да се одговори на сериозноста на проблемот, најсилниот притисок треба да биде насочен таму каде што е и најголемата штета: кон цигарите што горат и создаваат чад.