Четири изненадувачки знаци дека можеби имате висок крвен притисок

Точка

04/09/2026

16:38

376

Големина на фонт

а а а

Високиот крвен притисок често се нарекува „тивок убиец“ бидејќи најчесто нема забележливи симптоми. Најдобриот начин да дознаете дали имате висок крвен притисок е едноставно да ги измерите неговите вредности.

Кардиолозите препорачуваат ограничување на внесот на сол и редовна физичка активност за одржување здрав крвен притисок, пренесува „EatingWell“.

Високиот крвен притисок со причина се нарекува „тивок убиец“ – често се појавува без јасни симптоми.

„Наместо да чекате предупредувачки знаци, препорачувам редовно мерење на крвниот притисок дома, во аптека или во ординацијата на вашиот матичен лекар“, вели кардиологот Рохит Вупулури. Сепак, кардиолозите посочуваат неколку помалку познати знаци кои би можеле да укажуваат на висок крвен притисок.

1. Често станувате навечер за да мокрите

Будењето повеќепати во текот на ноќта поради потреба за мокрење лесно може да се занемари, но истражувањата го поврзуваат ноќното мокрење со високиот крвен притисок и чувствителноста на сол. Тоа е еден од знаците кои често остануваат незабележани.

Истражувањата покажуваат дека постои поврзаност меѓу станувањето за мокрење два или повеќе пати во текот на ноќта и хипертензијата.

Истражувачите го објаснуваат ова со две главни причини – промени во работата на бубрезите и задржување течности. Високиот крвен притисок ги оптоварува бубрезите и го менува начинот на кој тие ги обработуваат течностите. Исто така, може да доведе до насобирање течности во екстремитетите, кои по легнувањето повторно се враќаат во крвотокот. И едното и другото може да предизвика потреба за мокрење во текот на ноќта.


2. Забележувате промени во видот

Промените во видот можат да бидат последица на различни состојби, како инфекција на окото, катаракта, глауком или мигрена. Во некои случаи, тие можат да бидат и знак за висок крвен притисок.

„Луѓето често новото заматување на видот или проблемите со фокусирањето ги припишуваат на потребата од очила, но високиот притисок ги оштетува малите и чувствителни крвни садови во мрежницата“, вели доктор Надим Гелу.

Високиот крвен притисок, исто така, може да го наруши протокот на крв до очите и да ги оштети не само крвните садови, туку и очните нерви.

„Тие крвни садови се меѓу ретките што лекарот може директно да ги види, поради што прегледот на очите понекогаш може да укаже на висок крвен притисок пред да се појават други знаци“, додава Гелу.

3. Имате проблеми со спиењето

Високиот крвен притисок може да влијае врз лачењето мелатонин – хормон кој предизвикува поспаност во текот на ноќта. Тој е поврзан и со проблеми со спиењето, како несоница и апнеја при спиење.

Лошиот сон, истовремено, претставува и фактор на ризик за развој на висок крвен притисок. Ако не спиете добро, телото и умот се изложени на поголем стрес, што може да го зголеми крвниот притисок.

„Апнејата при спиење предизвикува прекини во дишењето кои доведуваат до намалено ниво на кислород и зголемено оптоварување на организмот“, вели Вупулури. Тоа, исто така, го зголемува ризикот од висок крвен притисок.

Хипертензијата не е единствената причина за проблеми со спиењето, но тие можат да бидат знак кој лесно се занемарува.


4. Побрзо останувате без здив

Тешко се опоравувате од недостигот на воздух откако ќе се искачите по скали? Во некои случаи, тоа може да биде знак за белодробна хипертензија, односно висок крвен притисок во белите дробови.

„Кога крвниот притисок останува висок, срцето мора да работи посилно за да ја пумпа крвта низ телото. Со текот на времето, срцевиот мускул може да стане крут и задебелен, поради што секојдневните активности, како искачувањето по скали, можат да станат потешки отколку што би требало“, објаснува Гелу.

„Многу луѓе едноставно го припишуваат тоа на стареењето или на послабата физичка кондиција“, вели Гелу, но сепак вреди да го проверите крвниот притисок за да бидете сигурни дека неговите вредности се во здрави граници.

Како да одржувате здрав крвен притисок

Единствениот сигурен начин да дознаете дали имате висок крвен притисок е да го измерите. Можете да набавите апарат за мерење и да го следите дома, да го измерите во аптека или да посетите лекар.

Без оглед на тоа дали вредностите ви се покачени, постојат неколку начини со кои можете да придонесете за одржување здрав крвен притисок:

• Ограничете го внесот на сол. Исхраната богата со сол доведува до задржување поголема количина течности во организмот и може да го зголеми крвниот притисок. Се препорачува читање на декларациите на прехранбените производи и почесто подготвување храна дома.

• Внесувајте повеќе калиум. Доволниот внес на калиум е подеднакво важен како и ограничувањето на солта. Калиумот му помага на организмот да го исфрли вишокот натриум и ги опушта ѕидовите на крвните садови. Добри извори се овошјето, зеленчукот, морската храна и млечните производи.

• Бидете физички активни. Американското здружение за срце ја наведува физичката активност како важен дел од контролата на високиот крвен притисок. Препораката е најмалку 150 минути аеробна активност со умерен интензитет неделно, заедно со најмалку два дена вежби за сила.

• Следете ги своите вредности. Редовното мерење на крвниот притисок дома може вам и на вашиот лекар да ви покаже дали вредностите се менуваат и да помогне навреме да се забележат потенцијално загрижувачки промени.