Дали знаете што е „кофеинска дремка“? Комбинира два начина за зголемување на будноста

Точка

24/10/2026

16:20

430

Големина на фонт

а а а

Кога среде ден ќе ве совлада замор, експертите наместо уште едно кафе предлагаат комбинација од кафе и краток сон. Методот познат како „кофеинска дремка“ комбинира два начина за зголемување на будноста.

Методот се потпира на аденозинот, хемиска супстанција што придонесува за чувството на поспаност, и кофеинот, кој привремено го блокира неговото дејство.

„Како што остануваме будни во текот на денот, сигнализацијата на аденозинот придонесува за сè поголема потреба од сон“, објаснува Карла Џеј Томпсон, регистрирана клиничка едукаторка за здравјето на спиењето.

Кофеинот се врзува за рецепторите на аденозинот и на тој начин го намалува чувството на поспаност. Клучно е правилното темпирање.


„На кофеинот обично му се потребни 15 до 45 минути за да почне да дејствува. Ако испиете кафе непосредно пред дремка од 15 до 20 минути, можете да го искористите краткиот освежувачки сон токму во моментот кога кофеинот почнува да дејствува“, вели Томпсон.

Според неа, дремка од 10 до 20 минути може да ја подобри будноста, вниманието и брзината на реакција, но не би требало да трае подолго од 20 минути. Подолгиот сон ја зголемува веројатноста за будење од подлабоките фази на сонот и појавата на таканаречената инерција на сон, односно чувството на замаеност и дезориентираност веднаш по будењето.

Томпсон препорачува кофеинска дремка во раните попладневни часови, меѓу 13 и 14 часот, и предупредува дека по 15 часот таа може да го отежне заспивањето навечер. Кофеинот има полувреме на елиминација од околу пет до шест часа, па значителна количина може да остане во организмот до вечерта. Затоа, не би требало да се пие шест до осум часа пред спиење, а лицата чувствителни на кофеин треба да направат и подолго временско растојание.


Чувството на будност по дремката не значи дека сте наспани. Томпсон истакнува дека кофеинската дремка не може да ги замени процесите што се одвиваат за време на квалитетниот ноќен сон, како што се обновувањето на ткивата, поддршката на имунолошкиот систем, консолидирањето на меморијата и регулирањето на хормоните.

„Хроничниот недостиг на сон може да влијае врз вниманието, меморијата, емоционалната регулација, брзината на реакција и донесувањето одлуки, дури и кога лицето има чувство дека е целосно будно“, вели таа.

Претпазливост им се препорачува и на лицата со анксиозни нарушувања, бидејќи кофеинот, како стимуланс, може да ја засили анксиозноста, а бремените жени би требало да го избегнуваат овој метод. Ако секојдневно се потпирате на кратки дремки за да можете нормално да функционирате, се препорачува да се консултирате со стручно лице за спиење и да направите испитувања за да се утврди причината.