Го истражувале Јадранот и наишле на загрижувачка глетка: Опасен предатор од Индискиот Океан пристигна во соседството

Точка

02/09/2026

11:21

678

Големина на фонт

а а а

Инвазивната риба-лав (Pterois miles) станува сè поприсутна во Јадранското Море, а новото истражување спроведено на Корчула покажало дека веќе се проширила на речиси сите одделни локации што биле опфатени со истражувањето.

„Ова е едно од првите систематски истражувања за присуството и распространетоста на инвазивниот вид на подрачјето на Корчула, со што се собрани структурирани податоци. Резултатите ќе претставуваат вредна основа за идно следење на промените во распространетоста на видот“, соопштија од Нуркачкиот клуб „Puntar“.


Долги отровни боцки

Рибата-лав во последните години сè повеќе се шири низ Средоземното Море, додека во Јадранот нејзиното присуство се бележи од 2021 година.

Потекнува од Индискиот Океан, а во Јадранот пристигнала по различни патишта, меѓу кои и преку пуштање примероци од аквариуми, како и преку баластните води на бродовите. Поради зголемувањето на температурата на морето, се создаваат сè поповолни услови за нејзино преживување, размножување и понатамошно ширење.

Рибата-лав е препознатлива по големите перки во облик на лепеза и долгите отровни боцки, поради што при средба со неа е неопходна претпазливост. Истовремено, станува збор за исклучително ефикасен предатор кој се храни со риби и ракови.


Рибарството може да биде на удар

Нејзиното ширење може да влијае врз бројноста на автохтоните видови и да го промени составот на локалните морски заедници, а искуствата од други подрачја покажуваат дека присуството на рибата-лав може да има последици и врз рибарството.

Во текот на истражувањето на подрачјето на Корчула, рибата-лав била пронајдена на речиси сите избрани локации, додека на едно место биле забележани два примерока – еден покрај друг.

„Ваквиот наод е значаен за понатамошното следење, бидејќи може да укажува на подрачје со исклучително поволни услови за опстанок, раст и размножување на видот“, истакнуваат од Нуркачкиот клуб „Puntar“.


Закана за морскиот екосистем

Покрај рибата-лав, истражувачите забележале и живи примероци од видот Pinna rudis, што го сметаат за вреден податок за следење на биолошката разновидност на ова подрачје. Истовремено биле забележани и поголеми количества слузести органски наслаги (mucillagine).

Нивната зачестеност и интензитет во последните години се поврзуваат со повисоките просечни температури на морето, а тие можат негативно да влијаат врз морскиот екосистем.

По завршувањето на проектот ќе биде изработен извештај со карти на истражуваните локации и местата на кои била пронајдена рибата-лав. Податоците ќе бидат обединети во голема анализа, која би требало да овозможи полесно следење на нејзиното понатамошно ширење.