Ненајавената посета на директорот на ЦИА (Централна разузнавачка агенција), Џон Ретклиф на Москва привлече големо внимание, пред сè затоа што директните средби меѓу високите американски и руски разузнавачки функционери се многу ретки.
Ретклиф на 25 август пристигнал во руската престолнина, а Кремљ потврди дека имало „контакти меѓу специјалните служби“, со тврдење дека средба со Владимир Путин не била планирана.
Но, кој е човекот кого Доналд Трамп го испратил во Москва во еден од најчувствителните моменти во односите меѓу двете земји?
Џон Ретклиф не е професионален разузнавач. Тој е правник, поранешен федерален обвинител и републикански конгресмен, кој низ годините изградил репутација како еден од најлојалните политички сојузници на Трамп. Од јануари 2025 година е на чело на ЦИА, а претходно бил директор на Националната разузнавачка служба (DNI), со што стана првиот Американец кој ги извршувал двете функции.
Од адвокат до врвот на американските тајни служби
Ретклиф е роден во 1965 година, дипломирал право и со години работел како адвокат. Подоцна преминал во американското обвинителство во Тексас, каде што се занимавал и со прашања поврзани со тероризмот и националната безбедност.
Истовремено ја градел и својата политичка кариера. Бил градоначалник на Хит во Тексас, а во 2014 година бил избран во Претставничкиот дом на Конгресот.

На пошироката американска јавност ѝ станал познат за време на првиот мандат на Трамп. Како член на важни конгресни одбори се профилирал како еден од најгласните бранители на тогашниот претседател.
Посебно внимание привлекол во 2019 година за време на сведочењето на специјалниот обвинител Роберт Милер, кој го истражувал руското мешање во американските претседателски избори во 2016 година. Ретклиф остро го испрашувал Милер и ја критикувал неговата истрага.
Тој бил и еден од истакнатите бранители на Трамп за време на првата постапка за отповикување на претседателот.
Трамп не се откажал од него
Во 2019 година Трамп првпат се обидел да го постави Ретклиф за директор на Националната разузнавачка служба, но номинацијата наишла на силен отпор поради прашања поврзани со неговото искуство и квалификации.
Ретклиф тогаш ја повлекол кандидатурата, но Трамп неколку месеци подоцна повторно го номинирал. Сенатот во мај 2020 година го потврдил на таа функција.

На таа позиција се нашол на чело на американската разузнавачка заедница во време на пандемијата на коронавирусот и претседателските избори во 2020 година, додека разузнавачките служби истовремено ги следеле обидите на странски држави да влијаат врз американскиот изборен процес.
Неговиот мандат го следеа и контроверзии. Критичарите го обвинуваа за политизација на разузнавачките податоци, меѓу другото и поради објавувањето непотврдени руски разузнавачки информации кои содржеле наводи штетни за демократите.
Кина и Иран меѓу најголемите закани
Ретклиф со години се залага за цврст пристап кон американските геополитички ривали.
Кина ја означувал како најголем долгорочен предизвик за САД, предупредувајќи на амбициите на Пекинг во економијата, војската, технологијата, сајбер-просторот и разузнавачките операции.

Подеднакво цврст став има и кон Иран. Техеран го гледа како сериозна закана за американските интереси и стабилноста на Блискиот Исток, а претходно ја критикувал политиката на Барак Обама, сметајќи дека премногу се потпирала на дипломатијата.
Се залагал за силен притисок врз Иран и тесна соработка меѓу Вашингтон и Израел, сметајќи дека иранската нуклеарна програма и поддршката за вооружени групи во регионот бараат одлучен одговор.
Трамповиот избор за ЦИА
По враќањето во Белата куќа, Трамп му доверил уште поважна функција на Ретклиф. Го избрал за директор на ЦИА, а Ретклиф во јануари 2025 година ја презел Агенцијата.

На нејзино чело најавил посилен фокус на собирањето разузнавачки податоци, тајните операции, сајбер-способностите и главните стратешки противници на САД.
Учествувал и во чувствителни меѓународни операции и преговори, вклучително и во напорите за ослободување американски државјани од Русија.
Зошто токму тој отишол во Москва?
Токму затоа неговото ненајавено пристигнување во Москва привлекува толку големо внимание.
Посетата се случи во момент на застој на преговорите за Украина и нови безбедносни тензии меѓу Русија и Западот. Според наводи на американските медиуми, Вашингтон располага со информации за можни нови руски воени подготовки, односно како што пишуваат „Волстрит џурнал“ и „Политико“, повикувајќи се на неименувани извори, Ретклиф за време на неговата посета на Москва ја предупредил Русија да не ги напаѓа сојузниците на НАТО.
„Политико“ пишува дека директорот на американската разузнавачка агенција предупредил на потенцијална ескалација на војната во Украина, која би ги вклучила источните сојузници на НАТО во балтичкиот регион. Тој, исто така, го повикал Кремљ да ја намали својата воена и финансиска поддршка за Иран, додава медиумот.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, потврди дека Ретклиф отпатувал во Москва на разговори „меѓу безбедносните служби“, пренесоа руските агенции. Песков, близок соработник на Владимир Путин, нагласи дека рускиот претседател не се сретнал со Американецот.
Исто така посетата на Ретклиф на Москва потсетува на ноември 2021 година, кога тогашниот директор на ЦИА, Вилијам Барнс, пристигнал во Москва во време кога американските служби предупредувале дека Русија ги засилува своите сили околу Украина. Неколку месеци подоцна започна руската целосна инвазија.















