Тошковски: „Безбеден град“ од вчера ги "лови" и моторџиите кои ја пречекоруваат брзината

Точка

27/08/2026

22:16

160

Големина на фонт

а а а

Системот „Безбеден град“ од вчера започнал автоматски да ги регистрира и мотоциклистите кои возат побрзо од дозволеното, соопшти министерот за внатрешни работи Панче Тошковски во гостување на ТВ Сител.

Според Тошковски, надлежните пронашле техничко решение со кое прекршувањето на ограничувањето на брзината од страна на мотоциклистите може автоматски да се евидентира на подрачјата каде што системот веќе функционира.

„Нека не се изненадат оние кои глумат дека се моторџии и не ги почитуваат правилата, дека ќе бидат предмет на санкционирање од страна на системот ’Безбеден град‘“, порача министерот.

Тој најави дека првите официјални податоци за бројот на мотоциклисти санкционирани на овој начин се очекуваат во текот на денот.

Досега преку системот кај мотоциклистите можело да се постапува за поминување на црвено светло, додека со новото техничко решение автоматски ќе се евидентира и возењето со брзина поголема од дозволената.

Тошковски посочи дека мерката има цел да ја зголеми безбедноста и на мотоциклистите и на останатите учесници во сообраќајот. Како показател за ризикот тој го наведе податокот дека од шесте лица кои загинале во сообраќајни несреќи во август, четири управувале мотоцикл.


„Безбеден град“ се проширува во Велес и Охрид

Во моментов системот е поставен на коридорите 8 и 10, како и на подрачјата што ги покриваат СВР Скопје, СВР Куманово и СВР Тетово.

Следната фаза предвидува негово проширување на подрачјето на СВР Велес, односно во Велес, Кавадарци, Неготино и околните населени места. Според најавите, системот таму треба да профункционира до средината на септември.

Во истиот период се очекува „Безбеден град“ да биде воведен и на подрачјето на СВР Охрид, кое ги опфаќа Охрид, Струга, Кичево и околните места.

Потоа е предвидено проширување во подрачјата на СВР Струмица и СВР Штип, а до крајот на годината системот треба да биде воведен и на територијата што ја покрива СВР Битола.


Најавена и апликација за плаќање на казните

Министерот најави и мобилна апликација преку која македонските граѓани ќе можат онлајн да ги плаќаат сообраќајните казни регистрирани преку системот.

Вакво решение во моментов се користи за возила со странски регистарски таблички. Тошковски рече дека бројот на прекршоци направени од странски возачи кои транзитираат низ земјава бил поголем од очекуваното и нагласи дека сообраќајните правила треба еднакво да важат за домашните и за странските учесници во сообраќајот.

Според податоците што ги изнесе министерот, од почетокот на 2026 година во сообраќајни несреќи во земјава загинале 59 лица. Во истиот период минатата година биле регистрирани 96 жртви, што претставува значително намалување на бројот на загинати.