Венко Филипче го критикува премиерот Христијан Мицкоски и Владата поради суровиот однос кон лозарите во Тиквешкиот регион, предлагајќи зголемување на откупните цени, укинување на попусти и интервентен откуп на останато грозје.
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, при денешната посета на Тиквешкиот регион го обвини премиерот Христијан Мицкоски и Владата за, како што рече, „суров и нечовечен однос“ кон лозарите, кои во екот на бербата се соочуваат со ниски откупни цени и зголемени производствени трошоци.
„За жал, како и минатата година, истите проблеми, истиот суров и нечовечен однос од страна на премиерот Христијан Мицкоски и целата Влада, министерот за земјоделие исто така, кон лозарите, поради тоа што нудат понижувачки откупни цени на грозјето“, рече Филипче.
Тој посочи дека трошоците за производство значително се зголемиле, наведувајќи ги горивото, водата, ѓубривата и работната рака.
„Две илјади денари им бараат луѓето коишто го берат грозјето. Зголемена е цената на водата и енормно зголемена е цената на ѓубривата“, рече Филипче.
СДСМ најавува дека ќе поднесе предлог-закон во Собранието со кој откупната цена на сите сорти винско и трпезно грозје би се зголемила за 5 денари по килограм.
Филипче побара и укинување на попустот од 8 проценти кој, според него, дел од винарите го поставуваат како услов за веднаш да ја исплатат откупената количина.
Како трета мерка, СДСМ предлага државата интервентно да го откупи црното грозје кое евентуално би останало непродадено.
„Ова е најмалку што заслужуваат нашите лозари“, рече Филипче, додавајќи дека станува збор за луѓе кои вложуваат значителни средства и работат во тешки услови за да обезбедат егзистенција за своите семејства.
Филипче ја заврши изјавата со нова остра критика кон Владата на Мицкоски, оценувајќи дека предложените мерки се минимумот што државата треба да го направи за лозарите.












