Во Шпанија се гради најголемиот базен со бранови во Европа: Проектот ги вознемирил жителите на Мадрид

Точка

19/08/2026

19:29

213

Големина на фонт

а а а

На подрачјето на Мадрид во тек се работите за изградба на најголемиот европски базен со бранови, проект кој предизвикал бројни контроверзии и негативни реакции.

Приближно 23.000 квадратни метри со 30.000 кубни метри вода за пиење. Ова се двата клучни податоци поврзани со изградбата на најголемиот европски базен со бранови, кој од 2024 година се гради на земјиште покрај стадионот „Метрополитано“ во мадридскиот округ Сан Блас-Канилехас.

Меѓутоа, она што многумина ги загрижува е фактот дека годишното испарување на водата би можело да ја надмине вкупната количина вода што може да ја собере лагуната. Во летните месеци дневното испарување би можело да достигне 184.000 литри, според Мадридската еколошка платформа.

Еколошките здруженија и здруженијата на жители се противат на овој проект, кој од Европската Унија добил 15,7 милиони евра јавни средства, наводно наменети за одржлив туризам. Изградбата веќе започнала, а комплексот би требало да биде отворен во 2027 година.

Марија Анхелес Нието, портпаролка на Мадридската еколошка платформа, нагласила дека проектот е „апсурден“. Според пресметките засновани на податоците од Шпанската метеоролошка агенција, загубата на вода од базенот поради испарување ќе изнесува 32.200 кубни метри годишно, што е бројка која за 7 отсто го надминува вкупниот капацитет на вештачката лагуна.

Лагуната би се полнела со вода за пиење од каналот „Изабел II“, бидејќи шпанските прописи не дозволуваат користење пречистена вода за рекреативни цели. Вкупната потрошувачка на вода на комплексот би достигнала 42.000 кубни метри, што е еквивалентно на потрошувачката на вода во домаќинствата на повеќе од 800 луѓе во период од година и пол.

„Базенот вклучува цела низа придружни деловни објекти, како хотели и ресторани, што ќе создаде поголем метеж, сообраќај и бучава“, истакнала Нието. Таа додала дека проектот, кој вклучува и вештачка плажа со површина од 5.500 квадратни метри, не ја поминал потребната проценка на влијанието врз животната средина, што е една од причините поради кои судовите во 2025 година одлучиле да го поништат специјалниот план со кој бил регулиран, одобрен во октомври 2024 година.


Здружението на жители „Лас Мусас – Лас Росас де Сан Блас“, исто така, се противи на големиот базен со бранови.

„Ќе добиеме центар кој нема да биде толку наменет за спорт, колку за бизнис, во подрачјето околу стадионот“, рекол портпаролот, кој сакал да остане анонимен поради страв од одмазда, мислејќи на трговскиот центар, терените за голф и аудиториумот планирани на земјиштето покрај стадионот на Атлетико Мадрид. Жителите стравуваат дека изградените паркинзи нема да бидат доволни и дека сообраќајот ќе ги блокира улиците во населбата.

„Дојдовме да живееме овде бидејќи нѝ ветија голем јавен спортски центар и градска шума, но имаме многу повеќе проблеми отколку да живеевме во центарот на Мадрид“, заклучил засегнатиот жител.