[ФОТО] Херојот Јован Костадинов, кој спаси 21 лице во пожарот во „Пулс“, доби светско признание за храброста

Точка

19/08/2026

18:11

159

Големина на фонт

а а а

Јован Костадинов од Виница е меѓу младите од целиот свет кои оваа година ќе бидат наградени со престижното признание „Младинска храброст 2026“.

Наградата е признание за неговата исклучителна храброст за време на трагичниот пожар во кочанската дискотека „Пулс“. Во кобната ноќ на 16 март 2025 година, Јован го ризикувал сопствениот живот за да им помогне на луѓето заробени во објектот и успеал да извлече 21 лице.

Додека пожарот брзо се ширел низ дискотеката, тој не се откажал од обидите да стигне до оние кои биле во опасност. За да се заштити од густиот чад, ставил мокра маица преку устата и носот, а потоа повторно влегол во објектот.


Неговото дело сега доби и меѓународно признание. Наградата ја доделува Академијата „Раул Валенберг“, во соработка со Шведскиот институт и шведските амбасади. Признанието е наменето за млади луѓе чии постапки покажуваат дека храброста, човечноста и одговорноста не зависат од возраста.

Амбасадата на Шведска во Македонија денеска објави дека амбасадорот Ола Солстром се сретнал со Јован и неговата сестра Јована, при што лично му оддал признание за неговата исклучителна храброст.

„Пред само една година, Јован го ризикуваше сопствениот живот за да спаси 21 млад човек во трагичниот пожар во дискотеката во Кочани, чин на вистинска морална храброст.


Следната недела, Јован ќе отпатува во Стокхолм, каде што ќе ја прими наградата заедно со уште 15 инспиративни млади луѓе од целиот свет кои придонесуваат за позитивни промени во своите заедници.

Наградата за младинска храброст се доделува секоја година на млади луѓе на возраст од 13 до 20 години кои, со малку или без никакви ресурси, прават значајна разлика во своите заедници.

Браво, Јован – твојата храброст е инспирација за сите нас!“, стои во објавата на амбасадата.

„Од внатре се слушаше само пискање“

Во едно од претходните интервјуа, Јован детално зборуваше за моментите на ужас што ги доживеал во текот на пожарот.

„Од внатре се слушаше само пискање од женски. Јас зедов една маса и го скршив прозорецот и со цревото прскавме вода внатре. Тие пискаа, ги прскавме со вода 2-3 минути. После јас го зедов цревото, се измокрив, а другите останаа уште да прскаат. Отидов на главниот влез ама таму беа многу заглавени и немаше можност да се влезе“.


Јован потоа успеал да пронајде друг начин да стигне до луѓето кои биле заробени во дискотеката.

„Јас влегов преку прозорецот кој е кај билетите. Во таа соба имаше четири или пет души. Вратата беше заглавена од луѓето што беа натрупани. Ја скршивме вратата и почнавме да ги вадиме еден по еден. Тие што беа најгоре сите пискаа, беа изгорени. Имаше и онесвестени, уште тогаш на почетокот“.

Според неговото сведоштво, спасувањето станувало сè потешко како што минувало времето.

„Додека имаше свесни луѓе, сè одеше побрзо – тие што ги вадиш, сами си излегуваа надвор пред диското. Ама потоа почнуваа да се извлекуваат само онесвестени, почнаа само цели изгорени и едноставно и ти мора да го извадиш до надвор пред диското, на безбедно“, рече тој.


Помошта не престанала ниту откако повредените биле извлечени од објектот. Јован им помагал на луѓето пред дискотеката, меѓу кои била и девојка која се онесвестила откако си го проголтала јазикот.

„Таму имаше многу девојки кои лежеа и една знам лежеше на страна и се тресеше. Некој праша кој знае да помогне, бидејќи си го голтнала јазикот. И јас пробав, го фатив јазикот и го повлеков ама не знаев како, досега не сум го правел тоа. Дојдоа докторки ѝ помогнаа, ја измија“ – раскажа Јован.

Наградата „Младинска храброст“ е основана во 2015 година и го носи името на Раул Валенберг, шведски дипломат и хуманитарец кој останал запаметен по својата исклучителна храброст за време на Втората светска војна.