[ВИДЕО] Опсада на Западниот Брег: Погледнете како американски Палестинец го штити својот дом од израелски доселеник

Точка

18/08/2026

21:00

266

Големина на фонт

а а а

Американскиот Палестинец Луи Риди се вратил од САД во своето родно село Кусра, на окупираниот Западен Брег, откако израелски доселеници повеќе од една недела опкружувале неколку палестински куќи. Тој се надевал дека големото американско знаме поставено на неговиот дом ќе послужи како заштита, но во вторникот еден доселеник сепак влегол на неговиот имот.

Риди пристигнал во Кусра доцна во понеделникот, стравувајќи дека би можел да ги изгуби куќата и земјиштето, кои доселениците ги опколиле заедно со уште две палестински куќи.

Во вторникот наутро се шетал меѓу своите дрвја со цреши и смокви кога од блискиот рид му пришол еден доселеник. Средбата ја снимил „Ројтерс“.

„Дојде да правиш проблеми, а?“, му рекол доселеникот на хебрејски, држејќи во едната рака предмет што наликувал на Тора, додека со другата снимал со мобилен телефон.

„Ти си терористички доселеник, знаеш ли?“, му одговорил Риди, кој исто така ја снимал средбата.

Израелски војници му рекле на Риди да влезе во куќата

Израелско воено возило неколкупати поминало покрај нив, по што војниците им пришле и му рекле на доселеникот дека се наоѓа во затворено воено подрачје. Доселеникот одговорил дека ќе си замине доколку Палестинците се повлечат во куќата.

„Ние само ја чуваме нашата територија“, им рекол тој на војниците.


На крајот се повлекол покрај патот и им се придружил на уште двајца доселеници.

Еден израелски војник потоа му рекол на Риди да влезе во куќата и да не разговара со доселениците. „Јас ќе го решам овој проблем“, му рекол.

Риди одговорил дека присуството на доселениците на неговото земјиште е нелегално и дека тие треба да бидат уапсени.

Американското знаме како последна заштита

По враќањето во Кусра, Риди поставил големо американско знаме над куќата. Тој објаснил дека го направил тоа за да им испрати порака на доселениците.

„Ако, не дај Боже, не успеам да ја заштитам оваа куќа и доселениците на крајот дојдат тука, тие ќе го постават своето знаме. Но, пред тоа ќе мора да го тргнат американското знаме. Тоа е пораката“, рекол тој.

Жителите на овие куќи, според „Ројтерс“, се плашат да ги напуштат своите домови додека доселениците сè уште се во близина.

Американски знамиња сè почесто на куќите

Во блиското село Турмус Аја, оддалечено околу седум километри од Кусра, локалните власти тврдат дека дури 80 отсто од жителите имаат американско државјанство.

Јасер Алкам, портпарол на тамошната палестинско-американска заедница, истакнал дека многумина поставуваат американски знамиња на своите куќи токму како форма на заштита.


„Тоа е еден вид сигурност, еден вид заштита. Делува одвраќачки не само врз доселениците, туку и врз израелската војска“, рекол тој и додал дека на овој начин сакаат да испратат порака и до администрацијата на Доналд Трамп.

САД вршат притисок врз Нетанјаху

Американскиот амбасадор во Израел, Мајк Хакаби, кој инаку е силен поддржувач на израелските населби на Западниот Брег, минатата недела ги нарекол доселениците кои ја опкружуваат куќата на Риди „израелски терористи“.


Американски и израелски функционери рекле дека Белата куќа врши притисок врз израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху јавно да го осуди однесувањето на доселениците. Нетанјаху засега не се огласил во врска со опсадата на куќите во Кусра.