Канје Вест објави нов музички спот за песната „ОК“, а зад необичните и мрачни визуелни сцени стои неговата сопруга Бјанка Ценсори, која го режирала видеото. Во спотот, раперот е прикажан на маса во мртовечница, додека лекарите го секцираат, што предизвика бројни реакции во јавноста.
Песната „ОК“, во која гостува Дон Толивер, се наоѓа на новиот албум на Вест „Bully: Deluxe“. Спотот беше објавен во понеделникот, на 17 август, а само на Икс собра два милиони прегледи.
Во бизарната сцена ја прикажал сопствената „обдукција“
Во спотот, Канје лежи на медицинска маса без глава, додека лекарите изведуваат постапка слична на обдукција. Од неговото тело излетуваат пари, а покрај него стои неговата одвоена глава.
За време на „операцијата“, лекарите од телото вадат различни предмети, меѓу кои топки, луле и запалена црвена роза. Потоа еден од нив почнува да жонглира со топките, а потоа му го вади срцето на раперот и повторно го враќа на место.
“OK” MUSIC VIDEO OUT NOW ON APPLE MUSIC AND SPOTIFY
— ye (@kanyewest) August 17, 2026
DIRECTED BY BIANCA CENSORI pic.twitter.com/rdO8OMBtEm
Дел од обожавателите сметаат дека сцените претставуваат метафора за начинот на кој медиумите и јавноста со години го анализирале, критикувале и се обидувале да го дефинираат. Во еден момент, од фиока за лешеви се појавува Дон Толивер во светлосин костум, а потоа ја враќа главата на Вест на неговото тело. Некои гледачи неговата улога ја толкуваат како симбол на пријател кој му помага на раперот да „се врати во живот“.
Спотот прикажува и други необични детали, како лекар кој клечи и се моли покрај телото, како и кукла на медицинска сестра која седи во просторијата, се смее и разговара на мобилен телефон, додека над неа летаат гулаби.
Враќање во живот со мечеви
Откако му ја враќаат главата, Канје повторно се појавува жив. Во следната сцена седи на маса во костум и во рацете држи два мечеви.

Обожавателите сметаат дека оваа сцена ја симболизира неговата борба со минатото и обидот да создаде нов идентитет. Во заднина се слуша песна чии стихови зборуваат за враќање нешто во живот и докажување пред оние кои го отпишале.
Поделени реакции за спотот
Спотот веднаш предизвика дискусии на социјалните мрежи. Дел од обожавателите го пофалија визуелниот стил и храброста со која Вест повторно експериментира.
„Креативната насока на овие спотови во последно време е генијална“, „Ова е чист Је. Визија, реализација, одбивање да се игра на сигурно. Никој друг во моментов не прави толку храбри и впечатливи визуелни решенија. Бјанка режирала нешто што делува целосно оригинално и уметнички бескомпромисно. Секоја чест“, „Немам поим како функционираат номинациите за најдобар спот на годината, но овој и ’Father‘, искрено, кој било од нив ја заслужува таа награда“, се дел од позитивните коментари.

Сепак, сите не се импресионирани. Дел од гледачите сметаат дека спотот нема јасна порака и дека се потпира само на шокантни сцени.
„Реално, само куп случајни ср**а“, „Знаете, можете едноставно да ѝ дадете пари без да се преправате дека е некаква режисерка. Тоа е навреда за вистинските креативци ширум светот“, „Нема да лажам, ова е навистина лошо. Нѝ недостига стариот Канје“, се само дел од негативните реакции.









