Хрватската пејачка Северина се прости од писателката Ведрана Рудан, која почина по долгогодишна борба со карциномот, порачувајќи дека е нереално што си заминала бидејќи „го победи сето она што овој проклет живот ѝ го постави на патот“.
Пејачката била пријателка со писателката, а во пораката за збогување споделила фотографии од нејзината книга „Umrijeti bez stresa“, во која првиот пасус го носи насловот „Severina, Tito, jahta i ja“.
„Си замина – колку е нереално. Па, таа не може да си замине. Таа го победи сето она што овој проклет живот ѝ го постави на патот. И трњето и ќотекот и љубовите и понижувањата и клоцањето и заканите… Таа стануваше постојано и еластично, удираше шлаканици кога требаше (вербални, секако), па и на својата болест (навистина). Ја соборуваше на под, ја шутираше и стануваше. Моја Ведрана. Наша љубов – хероина без влакна на долгиот јазик. Вештерка која преку перото фрлаше магии што ги впиваше секоја хартија“, напиша Северина.
Таа се присети како реагирала откако дознала за дијагнозата.
„Кога сето тоа започна – жената ми се јави лута како куче. Не на болеста, не на тоа тумориште. Не, беше лута затоа што жените во болницата имаат пластични перници. ‘Севе, спијат на перници од кои се потат, можеме ли да набавиме перници за болницата? Жал ми е за жените’. ‘Ведрана, како сте Вие, дали ви треба нешто?’, прашав едвај задржувајќи ги солзите што само течеа. ‘Ништо, Севе, е*и им ја и понатаму мајката на сите’“, наведе понатаму, присетувајќи се на писателката.
Таа раскажа и дека здравствената установа во Хрватска во еден момент одбила да ги покрие трошоците за некое лекување и дека сакала да организира собирање пари, но Ведрана ѝ забранила.
„Перниците веднаш ги купивме, заедно со навлаките за перници, и ги доставивме. Само тоа ѝ беше важно. И како сестрите низ болниците паѓаат од нозе. Патеше во себе, а нам продолжуваше да нѝ се дава себеси. Мене секогаш ми се јавуваше по моите глупости: ‘Мала, повторно ќе пишувам за тебе! Нема да можат злобниците…’“, пишува Северина.

Потоа ѝ се обрати со зборовите: „Девојко наша, во прегратката на метастазите, болката за тебе престана. За нас започнува. Не знаеше како да се простиш со Славенка, која си замина во јуни. Така и јас се мачам како да се простам со тебе кога не сакам збогување… Сакам уште да се смеам со тебе, иако толку неволно го правеше тоа. И имаше право; ништо кај нас и не е смешно…“.
„Во еден од последните разговори ми кажа дека си објавила книга и дека не можеш ‘ракеста’ да ја промовираш. Реков ‘јас ќе ја промовирам’ и ја понесов со себе на пат. Ја отворив првата страница, а насловот на тој дел беше ‘Severina, Tito, jahta i ja’… а внатре напиша ‘…да имав јас таков филм, ќе го пуштав пред Дневник’. Па, кој не би ја обожавал? Ете, купете ја таа книга, добро ќе ве насмее“. Ја сакаше, но кога еднаш на крајот од разговорот ѝ реков ‘Те сакам’, таа ми вели: ‘Само немој ти да ме сакаш, гледај како завршија оние бедници што ти ги сакаше…’. Па, кој не би ја обожавал?“, заклучи пејачката во пораката посветена на починатата писателка.
Да потсетиме, веста за смртта на писателката беше објавена на нејзината страница на Фејсбук со порака дека „заминала на подрачје без сигнал“.









