По смртта на Ведрана Рудан повторно се споделува нејзиното емотивно интервју во кое зборуваше за заминувањето и порача нејзината смрт да ја сфатат како „заминување на подрачје без сигнал“.
Веста дека Ведрана Рудан почина на 77-годишна возраст го потресе регионот, а по нејзината смрт на социјалните мрежи повторно кружат бројни стари интервјуа, гостувања и снимки од писателката, чии зборови речиси секогаш предизвикуваа силни реакции.

Особено внимание привлече снимката од нејзиното гостување во емисијата „Nedjeljom u 2“ на HRT, во која зборуваше за болеста, смртта и луѓето што ги сака. Речениците што тогаш ги изговори денес, по веста за нејзиното заминување, имаат сосема поинаква тежина.
Ведрана и за една од најтешките животни теми се обидуваше да зборува без патетика, во својот препознатлив стил, но сепак не можеше целосно да ги сокрие емоциите.
„Јас умирам, но сум бесмртна“
Зборувајќи за смртта, Ведрана Рудан се обиде да остане рационална, но во еден момент едвај ги задржуваше солзите.
„Јас ве познавам долго и ве сметам за малку патетичен, и мислам дека, бидејќи зборуваме за смртта, со смртта одат и солзите и јас да плачам, бидејќи умирам. Е па, ајде. Сакам да кажам дека има многу луѓе кои ме сакаат, и дека јас ги сакам нив и дека сум бесмртна и нека мојата смрт ја сфатат како заминување на подрачје без сигнал“, рече Рудан во интервјуто.
Токму нејзините зборови за „подрачјето без сигнал“ беа искористени и кога јавноста беше информирана за смртта на писателката.
„Ведрана замина на подрачје без сигнал“, стоеше во објавата на нејзината официјална страница на Фејсбук.
Со децении одбиваше да молчи
Ведрана Рудан е родена во 1949 година во Опатија, а во текот на повеќедецениската кариера стана едно од најпрепознатливите, но и најпровокативните имиња на регионалната јавна и културна сцена.

Со години работела во новинарството, а подоцна остави голема трага и како писателка. Нејзиното пишување беше препознатливо по директноста, црниот хумор, иронијата, гневот и бескомпромисната искреност.
Токму поради таквиот стил, нејзините книги, колумни и јавни настапи често ја делеа публиката, предизвикуваа полемики и наидуваа на целосно спротивставени реакции.











