Жозе Мурињо го направи првото опширно интервју за еден медиум откако се врати во Шпанија, а таа чест да води разговор со Португалецот ја имаше Жозеп Педрелол како прво лице на „Ел Чирингито“.
Искусниот новинар има позитивен однос со Мурињо уште од воведната етапа на Португалецот на „Сантијаго Бернабеу“, па покрај тоа што говореа за тоа како „специјалниот“ еволуирал низ годините, најмногу внимание во јавноста предизвика одговорот на Жозе за Родри.
МВП играчот од Светското првенство неколку месеци кокетираше со Реал и се чинеше дека ќе биде огромно засилување за Мурињо, но наместо тоа, на крајот ја избра понудата на Барселона и вчера позираше со новите обележја на „Камп Ноу“.
Оваа операција предизика огромна врева во шпанската јавност поради тоа што двата големи гиганти се бореа за еден потпис, а откако вчера Родри објасни зошто ја ставил Барса на прво место, денеска Мурињо вели дека сомнежите на Родри, на крајот предизвикале сомнежи и кај самиот него за реализација на трансферот.
– Ако се прашувам јас, тимот за оваа сезона е затворен, имаме извонреден тим и неверојатни играчи. Родри? Не ми недостасува Родри, имаме квалитет и различни решенија на тие позиции. Јас секогаш размислувам исто, сметам дека можам да ги подобрам фудбалерите, еден играч може да стане многу подобар наредниот ден.
– Вистина е дека зборував со Родри неколку пати за да дојде тука и Реал Мадрид достави навистина добра понуда. Реал има многу добар однос со Сити, без да го контактираме клубот, веќе стапивме во контакт со Родри и понудата беше навистина добра. Родри имаше сомнежи, не беше сигурен, а неговите сомнежи, отворија сомнежи и кај мене.
– Родри е неверојатен играч и беше многу коректен во преговорите, не можам да кажам ништо негативно за него. Сепак, Реал Мадрид е клуб од друга димензија и не може да чека играчи кои се мислат двапати. Кога Реал Мадрид се јавува, вие само велите „Кога треба да дојдам“! Таков е концептот во Реал Мадрид, Родри беше коректен кон нас, но не заврши тука. Му посакувам добри работи, иако не баш најдобри како наш голем ривал, – изјави Мурињо.












