Почина Ведрана Рудан по тешката борба со карциномот

Точка

18/08/2026

09:10

814

Големина на фонт

а а а

Хрватската писателка Ведрана Рудан почина на 77-годишна возраст по долга и тешка борба со карциномот.

Тажната вест за Dnevnik.hr ја потврдиле нејзини блиски извори, откако утрово на нејзиниот профил на Фејсбук било објавено дека „се преселила во подрачје без сигнал“.


Ведрана Рудан, хрватска писателка, новинарка, колумнистка и активистка, на почетокот на мај 2024 година објави дека боледува од карцином.

„Мојот рак е е*ено редок, се вика рак на жолчните канали, ми се чини. Не го прочитав ниту отпусното писмо, ниту типот, ниту прогнозите на интернет. Додуша, некаде налетав на информација дека од првите симптоми до смртта имаш дури три месеци за да го изневериш сопругот, да ги лишиш децата од наследство или да го испратиш љубовникот по ѓаволите. И не е некој рок.


Само 5 отсто од среќниците можат да бидат оперирани. Јас сум една од нив. Најпрво отидов во Света Недеља, во Радиохирургија, за да ми го изгорат ракот пред операцијата. Ми го изгореа ракот и џебот бидејќи не влегов во ‘квотата’. Имено, државата има договор со таа установа според кој одреден број Хрвати и Хрватки влегуваат во ‘квотата’. Останатите или ќе цркнат од рак или ќе им притекнат на помош пријателите“, напиша Ведрана во својата објава.

Таа е првата пациентка во светот кај која била применета методата на хипербарична оксигенотерапија (HBOT) за лекување на компликации настанати како последица на лекувањето на тумор.


Беше позната по својот остар, провокативен и често контроверзен стил. Во своите текстови и јавни настапи со години без задршка ги коментираше политиката, општеството, медиумите, бракот, семејството и положбата на жените, поради што редовно предизвикуваше силни реакции во јавноста. Авторка е на низа романи и збирки колумни, а нејзините дела се преведувани и објавувани и надвор од Хрватска.