Вториот патувачки фестивал на македонскиот филм во Хрватска се одржа во Сплит, во организација на македонскиот КИЦ во Загреб и Кинотеката на Македонија, претставувајќи трибината за филмското наследство и ексклузивната проекција на македонски оскаровци, во чест на 35 години независност на Македонија.
Во рамките на второто издание на единствениот патувачки Фестивал на македонскиот филм во Хрватска, во организација на македонскиот КИЦ во Загреб и македонската Кинотека, вчера во Сплит се одржа третиот фестивалски ден.
Претпладнето во просториите на Македонското културно друштво „Македонија“ Сплит се одржа трибина „Дијалог на кадри – улогата на Кинотеката на Македонија во заштитата на филмското наследство и меѓународната промоција на македонската кинематографија“, во рамките на манифестацијата “XXI. Денови на македонскиот филм”.

На членовите на МКД „Македонија“ и на сите присутни на почетокот им се обратија претседателката на друштвото Марта Жаја и директорката на македонскиот КИЦ во Загреб, Мими Ѓоргоска Илиевска, кои ја истакна важноста на оваа успешна соработка за продлабочување на хрватско-македонските културни врски.
Потоа, за улогата на Кинотеката како единствена институција за прибирање, заштита, чување и презентација на филмското наследство говореше директорот на Кинотеката на Македонија Бошко Грујоски. Во продолжение на трибината Дамјана Патчева и Тихомир Кашмицовски низ своите излагања ги истакнаа предизвиците што ги носи дигитализацијата и значењето на заштитата и реставрацијата на филмското наследство.

Попладнето, во кино салата на Центарот за култура „Златна врата“ во чест на одбележувањето 35 години независност на Македонија се одржа ексклузивна проекција „Македонски оскаровци“, при што беа прикажани филмовите „Дае“ (Мајка) на еден од доајените на македонската кинематографија, режисерот Столе Попов и „Медена земја“ на Тамара Котевска Љубомир Стефанов. На почетокот на публиката ѝ се обрати директорката на македонскиот КИЦ во Загреб, Мими Ѓоргоска Илиевска, а со оваа проекција заврши третиот фестивалски ден во Сплит и се заокружи првата фестивалска дестинација.
Фестивалското издание во Сплит се одржува во соработка со Македонското културно друштво „Македонија“ Сплит и Центарот за култура „Златна врата“.

Во текот на месеците септември и октомври, во знак на одбележување на 35 години независност, Фестивалот на македонскиот филм продолжува во уште 10 градови низ Хрватска во партнерство со Мрежата на независни киноприкажувачи во Хрватска, а во организација на македонскиот КИЦ во Загреб и Кинотеката на Македонија.
Единствениот патувачки Фестивал на македонски филм во Хрватска е дел од сопствената годишна програма на македонскиот КИЦ во Загреб поддржан од Министерството за култура и туризам.
















