Нова композитна снимка открива како еден од најактивните региони за создавање ѕвезди ја губи својата енергија.
Од „NASA“ објавија нова композитна снимка од маглината Тарантула, позната и како 30 Дорадус, која досега дава една од најдеталните слики на овој огромен регион во кој се создаваат ѕвезди.
Маглината Тарантула се наоѓа во Големиот Магеланов Облак, мала соседна галаксија на Млечниот Пат, на околу 160.000 светлосни години од Земјата, и содржи илјадници млади ѕвезди во сложена структура од гас и прашина.
На композитната снимка се обединети податоци од вселенските телескопи на „NASA“ – „Chandra“, „James Webb“ и „Hubble“, како и податоци од сега пензионираниот телескоп „Spitzer“.

Рендгенските снимки од „Chandra“ го прикажуваат жешкиот гас кој, под влијание на ѕвездените ветрови, е загреан на милиони степени, додека „Webb“ открива млади ѕвезди и студена прашина, а „Hubble“ водород и поединечни ѕвезди, пренесува РТС.
Истражувањето открило дека во маглината има значително помалку гас кој емитува рендгенски зраци отколку што очекувале научниците, што го отворило прашањето каде исчезнува енергијата што ја произведуваат масивните млади ѕвезди.
Според заклучоците на тимот, маглината Тарантула би можела да губи енергија на повеќе начини. До половина од жешкиот гас би можел да истекува низ ѕидовите на структурите составени од гас и прашина и да ја напушта маглината.

Истовремено, мешањето на студениот и жешкиот гас може да ја намалува вкупната температура, додека споредбите со компјутерските симулации сугерираат дека дел од енергијата би можел да се губи и преку пренос на топлина меѓу жешкиот и постудениот материјал.
Научниците наведуваат дека комбинацијата од овие три процеси може да го објасни губењето на значително количество енергија и да помогне во подоброто разбирање на начинот на кој во вакви космички средини се формираат ѕвездите.










