Предупредување од „кумот на вештачката интелигенција“: Следуваат масовни отпуштања, влегуваме во густа магла

Точка

17/08/2026

08:41

391

Големина на фонт

а а а

Развојот на вештачката интелигенција (AI) би можел да доведе до масовна невработеност – да остави милиони луѓе без работа, предупреди Џефри Хинтон, британски научник и добитник на Нобеловата награда за физика, познат и како „кумот на вештачката интелигенција“.

Тој смета дека предвидувањата за екстремна трансформација на пазарот на трудот се многу веројатни, бидејќи водечките технолошки компании вложуваат билиони долари во системи за вештачка интелигенција, со примарна цел човечката работна сила да ја заменат со значително поевтина технологија.

Зборувајќи на Универзитетот Џорџтаун за време на дискусијата со американскиот сенатор Берни Сандерс, Хинтон оцени дека желбата за краткорочен профит го потиснала научниот напредок во втор план. Според него, огромните инвестиции во центри за податоци и чипови се оправдуваат токму со продажбата на технологија со која директно се заменуваат работниците, пишува деловниот весник „Fortune“.

Неговото предупредување дојде во момент кога се зголемува притисокот врз економичноста на секторот за вештачка интелигенција. На пример, проценките на банката „HSBC“ покажуваат дека американската компанија за развој на вештачка интелигенција „OpenAI“ не очекува профит пред 2030 година, а за продолжување на растот ѝ е потребен дополнителен капитал од повеќе од 207 милијарди долари.


Откако во 2023 година го напушти „Google“ за слободно да зборува за ризиците од технологијата што ја создавал, Хинтон стана еден од најгласните критичари на индустријата.

Иако признава дека вештачката интелигенција ќе создаде одредени нови работни места, тој е уверен дека нивниот број нема ниту приближно да ги надомести укинатите работни места. Тој смета дека долгорочните ефекти е тешко прецизно да се предвидат, споредувајќи ја ситуацијата со возење низ густа магла, во која јасно се гледа само една или две години однапред, додека сè што е подалеку од тоа е целосно неизвесно.

Со економските проценки се согласуваат и политичарите во Соединетите Американски Држави. Сенаторот Сандерс објави податоци според кои само во САД се загрозени 100 милиони работни места.

Најголем ризик им се заканува на работниците во секторите за брза храна, корисничка поддршка и физичка работа, но тешки последици ги очекуваат и високообразованите работници, како сметководители, програмери и медицински техничари. Сандерс истакна дека ова не е само економски, туку и длабоко општествен проблем, бидејќи работата претставува клучен дел од човечкиот идентитет и припадноста кон заедницата.


Слични стравувања има и сенаторот Марк Ворнер, кој истакна дека ударот врз пазарот на трудот би можел најтешко да ги погоди младите луѓе, со можност стапката на невработеност кај оние што штотуку дипломирале во следните две до три години да се зголеми до 25 проценти.

Ворнер повика на итно усвојување регулаторни рамки за да не се повторат грешките направени при експанзијата на социјалните мрежи.

И покрај црните прогнози за долгорочното влијание, технолошките лидери нудат значително пооптимистички визии. Извршниот директор на компанијата „Nvidia“, Џенсен Хуанг, смета дека вештачката интелигенција ќе ја трансформира секоја работа и потенцијално ќе доведе до четиридневна работна седмица.

Илон Маск и Бил Гејтс одат чекор подалеку, очекувајќи дека мнозинството луѓе во следните 20 години воопшто нема да мора да работат. Сепак, експертите се согласуваат во едно: вештачката интелигенција нема да исчезне, а најдобра шанса за опстанок на пазарот ќе имаат оние што ќе успеат да се приспособат и да ги искористат новите алатки за унапредување на сопствените вештини, пишува „Fortune“.