Лихтенштајн ги менува правилата на монархијата: Жените добиваат еднакво право на престолот

Точка

16/08/2026

17:01

277

Големина на фонт

а а а

Лихтенштајн ги промени повеќевековните правила за наследување на престолот и за првпат им овозможи на жените да станат владетелки на кнежевството. Промената на националниот ден на земјата ја објави наследниот кнез Алоис, кој ги извршува должностите на шеф на државата во име на својот татко, кнезот Ханс Адам II.

Новото правило го воведува принципот на апсолутна примогенитура, што значи дека во иднина престолот ќе го наследува најстарото дете, без оглед на полот. Досега предност при наследувањето имаа машките потомци, пренесе Би-Би-Си.


„Способноста да ги комбинираме континуитетот и обновувањето е принцип што го негуваме во рамките на кнежевското семејство“, изјави наследниот кнез Алоис, додавајќи дека промените се носат промислено и со долгорочна перспектива.

Промената засега не влијае врз линијата на наследување

Одлуката ја поддржа потребното двотретинско мнозинство од членовите на кнежевското семејство со право на глас. Сепак, новите правила нема веднаш да го променат постојниот редослед на наследување.

Тие ќе се применуваат само на идните потомци на децата на наследниот кнез Алоис и неговата сопруга, наследната кнегиња Софија. Тоа значи дека сегашните наследници засега остануваат на истите места во линијата за наследување на престолот.


Најстарото дете на Алоис е принцот Јозеф Венцел, а по него следува принцезата Марија Каролина. Алоис во 2004 година презеде поголем дел од државните овластувања од својот татко, кој формално и натаму е шеф на државата.

Монархија со големи овластувања

Лихтенштајн, мала и богата држава меѓу Швајцарија и Австрија, има околу 44 илјади жители. За разлика од повеќето европски монархии, кнезот и понатаму има силна политичка улога, вклучувајќи право на вето на резултатите од референдумите, како и овластувања за именување судии и разрешување на владата.


Кнежевството го воведе правото на глас за жените дури во 1984 година, по референдум на кој право да одлучуваат имаа само мажите. Минатата година Бригит Хас стана првата жена на чело на владата на Лихтенштајн.