Археолозите во Словенија открија остатоци од Римското Царство и праисторијата: Еве на што сè наишле при ископувањата

Точка

15/08/2026

12:02

496

Големина на фонт

а а а

Ископувањата за време на изградбата на новиот магистрален пат во близина на словенечкиот крајбрежен град Копер донесоа исклучителни археолошки откритија, кои покажаа дека блискиот рид Сермин всушност бил остров во праисториско време, а открија и како се менувал пејзажот на тој крај од праисторијата до времето на Римското Царство, изјави вчера главната археологинка Ана Плестењак.

Таа изјави дека локалитетот, кој се простира на југоисточното и југозападното подножје на ридот Сермин, покажал докази за постоење на континуирана човечка населба која датира уште од неолитскиот период, пренесе агенцијата СТА.

Според неа, ископувањата долж тесниот појас на новиот пат првенствено откриле обемна стопанска инфраструктура, како и населби од бронзеното и железното време. Исто така, утврдено е дека пејзажот драстично се променил по доаѓањето на Римјаните во 2 век пред нашата ера.

Откритијата од првиот век вклучуваат мрежа од шест едноставни патишта, изградени од кршен камен покриен со ситен песок, кои се протегале до 400 метри и поврзувале различни делови од ридот.

Покрај патиштата, тимовите откриле одводни канали, римски потпорни ѕидови, делумно истражена римска вила и неколку гробови кои датираат од периодот од 1 до 5 век од нашата ера. Исклучително откритие на западниот раб на локалитетот било древното корито на реката Рижана, кое било пронајдено длабоко под денешното ниво на морето.

„Во праисториско време, Рижана течела и од источната и од западната страна на Сермин, со што ридот бил вистински остров“, изјави Плестењак.

По нивното доаѓање, Римјаните се обиделе да го регулираат текот на реката така што ги зајакнале нејзините брегови со камен. Археолошките ископувања достигнале длабочина до 2,5 метри под сегашното ниво на морето, што укажува дека римскиот брег бил приближно два метри понизок отколку денес.

Иако тимовите за ископување не стигнале директно до морето, мочурливиот терен и високото ниво на подземните води претставувале значителни логистички предизвици.

При ископувањата биле пронајдени голем број римски артефакти, вклучувајќи керамички садови, ќерамиди и разни бронзени предмети, кои биле пренесени во Регионалниот музеј во Копер.