Поради рекордните температури компирите се „варат“ во - земјата: „Ова никогаш го немам видено“

Точка

13/08/2026

18:44

442

Големина на фонт

а а а

Екстремен топлотен бран погоди и делови од Источна Азија. Во Јужна Кореја температурата достигна рекордни 42,5°C, при што настрадаа земјоделските култури и повеќе од 900.000 животни, додека Јапонија и Хонгконг исто така забележаа температурни рекорди.

Последиците од незапаметените горештини особено тешко ги чувствуваат земјоделците во Јужна Кореја. Во округот Јанггу, компирите по само неколку дена екстремно високи температури омекнале и почнале да се распаѓаат.

„Изгледаат како варени компири. Не станува збор само за едно или две полиња“, истакнал земјоделецот Ли Санг-хјук.


Јужнокорејскиот град Јангсан на 2 август измери температура од 42,5°C, што е највисоката температура во земјата откако постојат современи мерења. Горештините се поврзуваат со најмалку 31 смртен случај, додека угинале повеќе од 900.000 грла добиток и 1,4 милиони одгледувани риби, пишува „Гардијан“.

Рекорди и во Јапонија и Хонгконг

Во Јапонија температурите на повеќе локации надминале 40°C. Земјата за првпат прогласи т.н. „сурово жежок ден“, нова категорија за температури над 40°C. Во зоолошката градина во Токио угинале три лава поради сомнение за топлотен удар.


Во Хонгконг беа измерени 36,9°C, највисока температура откако се вршат официјални мерења, односно од 1884 година.

Научниците предупредуваат дека ваквите екстреми не се случајност. Според истражувањето на јапонскиот „Weather Attribution Centre“, топлотен бран каков што ја погоди Јапонија би бил речиси невозможен без влијанието на глобалното затоплување.


Земјоделците остануваат без приходи

Во Гвангџу, производителот на лубеници Хонг Кјунг-хи го загубил родот кој само неколку дена претходно изгледал целосно здраво.

„Во моите 50 години занимавање со земјоделство, вакво нешто никогаш немам видено“, истакнал тој.


Со сличен проблем се соочуваат и производителите на јагоди, а дел од штетата не е покриен со осигурување, бидејќи јужнокорејскиот систем се однесува само на одредени земјоделски култури, методи на одгледување и региони.