Левица: Мостови пред распаѓање го чуваат водостојот на Тиквешко – Мицкоски продава приказна за владина стратегија

Макфакс

13/08/2026

09:51

189

Големина на фонт

а а а

Партијата Левица ја критикува Владата за состојбата со мостовите на Тиквешката акумулација и објаснува како ерозијата и инфраструктурните проблеми всушност го чуваат водостојот, спротивно на владиниот наратив за стратегија за справување со сушата.

Мицкоски гордо зборува за некакви стратегии и механизми со кои Владата наводно спречила сушно сценарио и обезбедила вода во Тиквешката акумулација. Реалноста кај Возарци е до тој степен апсурдна што буквално може да се нарече политичка сатира – водата во езерото се задржува затоа што не смее да се испушта низ Црна Река и дополнително да ги натопува и еродира веќе поткопаните фундаменти на мостовите. Она што премиерот енергетичар го рекламира како државничко управување, на терен изгледа како принудна мерка поради инфраструктура која со години е оставена сама на себе“, велат од партијата Левица.

„Жителите на Возарци токму на ова предупредуваат. Ерозијата околу фундаментите веќе го има разјадено подножјето, а поголемо и континуирано испуштање од акумулацијата би значело повторно изложување на оштетените делови на вода и продолжување на процесот на поткопување. Затоа протокот се држи единствено со цел просторот околу темелите да остане што е можно посув. Резултатот е бизарен – еден инфраструктурен проблем практично придонесува за зачувување на поголема количина вода во акумулацијата.

И тука паѓа целата самофалба на Мицкоски. Да беа мостовите навреме санирани и фундаментите обезбедени од ерозија, денес немаше овој инфраструктурен проблем да биде фактичка кочница за поголемо празнење на Тиквеш. Колку вода тогаш ќе останеше во езерото е сосема легитимно прашање. Премиерот енергетичар, сепак, резултатот го пакува како плод на некаква промислена политика, додека вистинскиот ‘механизам’ кај Возарци е многу попрост – чувај ја водата горе, за да не ти го дојаде мостот долу.

Скандалозно е што станува збор за систем од стратешко значење. ЕЛЕМ го дефинира хидросистемот „Тиквеш“ како систем со двојна намена – производство на електрична енергија и наводнување на Тиквешко Поле, еден од најтоплите и најсушните региони во Македонија. Управувањето со таква акумулација треба да се темели врз водостопански биланси, потребите на земјоделството, расположливите резерви и безбедно одржувана инфраструктура.

Надлежните должат одговори: Дали и во кој обем состојбата на мостовите кај Возарци влијае врз режимот на испуштање од Тиквешката акумулација? Кој определил колкав проток е безбеден? Од кога е познато ерозивното поткопување на фундаментите? Постојат ли стручни елаборати за нивната состојба, што предвидуваат и зошто санацијата досега не е изведена? Истовремено треба јавно да се објават податоците за дотокот, испустот и нивото на акумулацијата, за граѓаните сами да видат колку од денешната состојба е резултат на планирање, а колку на принудно приспособување кон распадната инфраструктура.

Мицкоски може да ѝ даде какво сака име на оваа состојба. Фактот е дека во Македонија дојдовме до точка во која еродираните темели на мост можат да бидат поефикасен чувар на водната резерва од владината “стратегија“.

Тоа е целата лудост на системот – Тиквеш се чува за Црна Река да не ги натопува поткопаните темели, мостот се чува со помалку вода, а Мицкоски од меѓусебното крпење на два проблема произведува приказна за успешно управување“, соопштуваат од партијата Левица.