Шведскиот премиер Улф Кристерсон бара нов мандат на изборите во недела и најавува дека е подготвен да ги вклучи крајнодесничарските Шведски демократи во владата доколку неговиот блок победи.
Таквиот потег би претставувал целосен пресврт во однос на ветувањето што во 2018 година ѝ го дал на Хеди Фрид, жена која го преживеала Холокаустот, кога тврдел дека неговите „Умерени“ никогаш нема да соработуваат со таа партија.

Сепак, токму поддршката од Шведските демократи пред четири години му овозможила да формира малцинска десничарска влада и да започне построга политика кон имиграцијата и криминалот, пишува Ројтерс.
Резултати од построгата политика
Владата на Кристерсон веќе спроведе значајни промени. Ја укина можноста за добивање постојан престој за барателите на азил и ги заостри правилата за протерување. Иако мораше да се откаже од предлогот најтешките престапници да можат да бидат затворани уште од 13-годишна возраст и да прифати старосна граница од 14 години, воведе построги казни и ѝ даде поголеми овластувања на полицијата.

„Некои основни работи во Шведска едноставно не функционираа“, изјавил 62-годишниот Кристерсон во август, при претставувањето на партиската програма. Владата истакнува дека бројот на барања за азил се намалил на најниско ниво во последните 40 години, додека бројот на смртни случаи во вооружени пресметки е намален за 75 отсто.
Прагматизмот пред принципите
Кога Кристерсон во 2017 година го презел раководството на Умерената партија, ситуацијата била сложена. Десниот центар бил поделен околу соработката со Шведските демократи и немал јасен пат до власта, а самиот Кристерсон во младоста се залагал за отворени граници.
Тој го ставил прагматизмот пред своите претходни принципи и го прекинал табуто за соработка со крајната десница. Тоа му го отворило патот на десниот центар до победа во 2022 година и му обезбедил четири години стабилно владеење, што е реткост во поновата шведска историја.

Неговиот смирен и менаџерски стил на лидерство помогна да се ублажат внатрепартиските конфликти. Успеал да ги надмине и прашањата поврзани со неговата проценка при изборот на советници, вклучувајќи го и случајот со соработник обвинет дека оставил тајни документи во хотел. „Тој се позиционира како возрасниот во просторијата и во тоа главно е успешен“, коментирала Џени Мадестам, политиколог од Универзитетот Содерторн.
Предупредувања за натамошно зајакнување на десницата
Критичарите сметаат дека Кристерсон, во борбата за власт, ризикува трајно да ја зацврсти антиимиграциската политика во самиот центар на шведскиот политички живот и дополнително да ја придвижи земјата надесно.
„Последните години живеев во Америка на Доналд Трамп и видов колку брзо работите можат да тргнат во погрешна насока“, изјавила Биргита Олсон од опозициската Партија на центарот и поранешна министерка за прашања поврзани со ЕУ.

Анкетите пред изборите покажуваат целосна изедначеност меѓу левиот и десниот блок. Доколку гласачите повторно ѝ дадат доверба на десната опција, прагматизмот на Кристерсон би можел да се соочи со нов предизвик. Шведските демократи би можеле да освојат повеќе гласови од неговата Умерена партија.
Повеќето аналитичари и натаму очекуваат Кристерсон да остане премиер, но со значително ослабен авторитет. „Шведските демократи тогаш во практика би ја имале контролата“, заклучила Мари Демкер, професорка по политички науки на Универзитетот во Гетеборг.















