Од денес, среда, 12 август, на пазарот во ЕУ повеќе не смеат да се користат кутии за хамбургери отпорни на маснотии или хартија за печење што содржат одредени штетни супстанции.
Регулативата на ЕУ за амбалажа воведува нови ограничувања за таканаречените ПФАС (пер-и полифлуороалкилни супстанции) во амбалажата за храна, како што се кутиите за помфрит или кесите за донер, пренесе Германската новинска агенција (дпа).
ПФАС амбалажата е штетна за здравјето
Постои сомневање дека овие супстанции се штетни за здравјето. Амбалажата што веќе е складирана и понатаму може да се користи.

Освен строгите ограничувања за ПФАС, новата регулатива носи и други далекусежни промени. Сепак, повеќето од нив веројатно нема да станат видливи и забележливи за потрошувачите до 2030 година.
Во иднина, амбалажата ќе мора да може да се рециклира и да биде што е можно помала. Дополнително, ќе биде забранета одредена пластична амбалажа за еднократна употреба за непреработено свежо овошје и зеленчук.
Забрана за лесни пластични кеси
Ќе бидат забранети и многу лесните пластични кеси – освен ако не се неопходни од хигиенски причини или за прехранбени производи што се продаваат рефус, со што се придонесува во борбата против фрлањето храна.
Отпадот од амбалажа претставува голем проблем во ЕУ.

Според податоците на статистичката служба на ЕУ, Евростат, во 2023 година биле создадени 177,8 килограми отпад од амбалажа по жител. Новите правила имаат цел да обезбедат отпадот од амбалажа во ЕУ постепено да се намали за најмалку 15 отсто до 2040 година во споредба со 2018 година.
Намалувањето треба да изнесува 5 отсто до 2030 година и 10 отсто до 2035 година.









