Научниците открија како едноставна промена во исхраната може да спаси милиони животи

Точка

04/11/2026

17:11

787

Големина на фонт

а а а

Преминувањето на сол збогатена со калиум носи значајни здравствени придобивки.

Употребата на сол збогатена со калиум во исхраната би можела да спречи речиси три милиони смртни случаи од срцеви заболувања и мозочен удар, како и 10 милиони нови случаи на кардиоваскуларни и бубрежни заболувања низ светот секоја година, покажуваат резултатите од најновото истражување на австралиски научници, објавени денеска.

Студијата, спроведена од истражувачи од Институтот „George“ за глобално здравје во Австралија, опфатила 193 земји, пренесе „Euronews“.


Според процената на истражувачите, преминувањето на сол збогатена со калиум на глобално ниво би можело секоја година да спречи 2,96 милиони смртни случаи и 10,17 милиони нови случаи на кардиоваскуларни и хронични бубрежни заболувања.

„Познато е дека прекумерниот внес на натриум и недоволниот внес на калиум предизвикуваат висок крвен притисок, кој е еден од главните фактори на ризик за животозагрозувачки состојби, како мозочен удар, срцев удар и бубрежни заболувања“, изјави Брус Нил, виш професор на Институтот „George“ за глобално здравје.


Нил наведе дека со преминувањето на сол збогатена со калиум истовремено се решаваат двата проблема во исхраната, што носи значајни здравствени придобивки.

Оваа алтернатива, која може да се најде во одредени продавници и на интернет, се произведува така што дел од натриум хлоридот во обичната кујнска сол се заменува со калиум хлорид.


Високиот крвен притисок претставува еден од главните фактори на ризик за мозочен удар, срцев удар и бубрежни заболувања.

Според податоците на Светската здравствена организација, околу едно од три возрасни лица на возраст од 30 до 79 години во светот, односно приближно 1,4 милијарди луѓе, има хипертензија.